Нов асфалт без проширување на коловозот на патот од Нов до Стар Дојран – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/20 4:03 PM

Нов асфалт без проширување на коловозот на патот од Нов до Стар Дојран

Регионалниот пат од Нов до Стар Дојран нема да се проширува туку само ќе добие нов асфалт, потврди Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, при денешната посета на Дојран.

Очекување и барање на жителите кои секојдневно транзитираат по овој пат, беше кога веќе се раскопува коловозот тој да добие и проширување, бидејќи освен патнички возила постојано го користат и тешки товарни возила, кои едвај се разминуваат, но од Јавното претпријатие го тврдат спротивното – патот бил соодветен на нормативите за регионален пат.

Градежните работи на патот почнаа од крајот на минатата година, со гребење на коловозот, а новиот асфалт почна да се става пред неколку дена. За овој пат, освен неколкуте дупки кои се отвораа и крпеа секоја зима, жителите немаа поголеми поплаки ниту пак очекуваа дека ќе се најде на листата на патишта за итна рехабилитација, но за тоа останаа реакциите и жалбите за делницата од Богданци до Гевгелија која остана не довршена при ланското асфалтирање на дел од трасата Дојран – Гевгелија.

Китанов вели дека сега се чека на почеток на работите на обиколницата од Богородица до Гевгелија, која наскоро ќе се резрешела.

При денешната посета на Дојран министерот Горан Сугарески, уште еднаш потсети дека преку Министерството за транспорт и врски се обезбедени околу 600 милиони денари за општина Дојран наменети за локални патишта и улици, како и за водовод и канализација. Р.Ш.