Инфективното одделение во Штип нема да биде за карантинско лекување, туку само за изолација – ММС
ММС

Објавено на: 02/26/20 2:28 PM

Инфективното одделение во Штип нема да биде за карантинско лекување, туку само за изолација

Штипската клиничка болница би можела да биде место каде ќе се опсервираат луѓе за кои се претпоставува дека можеле да бидат заразени со корона вирусот, а сите услови за исправно лекување доколку има случаи на инфекција, ги има само инфективната клиника во Скопје, изјави денеска директорот на штипската клиничка болница, Ален Георгијев.

„Министерството ја знае нашата ситуација, ние имаме две соби кои се предвидени уште од самата изградба на болницата, како карантински соби кои имаат посебен влез и посебен пристап до нив. Доколку се појави случај ќе имаме и посебно возило и нормално дека нема да дојде во контакт со другите пациенти.  Сите услови за правилно третирање ги има само инфективната клика во Скопје. Тука се сите со сериозна клиничка слика, луѓе кои треба да се постават на респиратори, луѓе на кои им треба централен довод на кислород и интензивна терапија“, рече директорот Георгијев

Штипското инфективно одделение, има тројца доктори специјалисти, две докторки кои што се на помош и 11 сестри, а располага со 35 легла и  две карантински соби.

Од штипската клиничка болница во најскоро време очекуваат да добијат маски, наочари и скафандери, кои би им биле потребни при евентуална појава на вирусот, а за се останато е задолжена болничката аптека која треба да обезбеди доволно количини од потребните инфузиони раствори, лекови и дезинфекциони средства.

По обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ, дека власта го загрозува здравјето на граѓаните и нуди самоубиствено решение за корона вирусот, директорот Георгијев, упати апел да се престане со креирањето лажни вести и да ширењето паника.
Препорача дека граѓаните најпрво треба да се заштитат самите себе. Напомена ги следат препораките од овластените здравствени институции, да ги откажат патувања во региони  каде веќе има корона вирус, да се избегнуваат контакти со големи групи луѓе и лица кои покажуваат симптоми на настинка и болест, и редовно да се мијат рацете со сапун.