Пет црногорски државјани се уапсени во Франција откако полицијата во нивниот автомобил пронашла 69 килограми кокаин, вреден околу 2,5 милиони евра.
Според францускиот весник „Ле Поинт“, полицајците очекувале Црногорците да шверцуваат оружје, но сепак пронашле кокаин. Полицијата го запрела автомобилот со кој уапсените се враќале од Шпанија, и после неколку часа претрес пронашле 69 килограми кокаин во пакувања од по еден килограм во таен бункер во возилото.
Меѓу уапсените бил и водачот на криминалната група и една жена. По акцијата биле претресени и домовите на осомничените, во кои француската полиција запленила четири луксузни автомобили, два скапоцени часовници и 40.000 евра. Францускиот весник наведува и дека бандата била во фокусот на вниманието на полицијата затоа што била многу активна во Париз, Шпанија и на Балканот.
Се очекува надлежните да запленат и недвижнини вредни околу 500.000 евра, за кои постои сомневање дека уапсените ги стекнале со криминални активности.