Министерот за здраство, венко Филипче на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип ќе биде по потреба простор за изолација, а не за карантинско лекување.
– Директорите на болниците во Штип, Велес и во Гостивар беа информирани што е идејата. Тие веќе преземаа соодветни чекори да се спремат одделенијата во таа насока. Имаме добра координација за која стојат однапред добро испланирани чекори по препорака на Комисијата за заразни болести, истакна Филипче.
Претходно од штипската Клиничката болница до медиумите беше испратена информацијата дека болницата сè уште нема добиено писмено известување од Министерството за здравство за карантинот за коронавирусот што вчера во изјава за медиумите го најави министерот Венко Филипче.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека чекаат насоки од ресорното министерство како ќе се одвива оваа постапка.
Тој најави дека новинарите и јавноста ќе бидат информира на прес-конференција и тоа во моментот, кога ќе го добијат известувањето и какви насоки ќе имаат од ресорното министерство.
Инфективното одделение во рамките на Клиничка болница-Штип е единственото вакво одделение во источниот регион, а во него за здравјето на 200.000 потенцијални пациенти од овој регион се грижат тројца инфектолози. Во рамките на оваа одделение во моментов имаат две карантин соби за по едно лице. Останатите болнички соби се со капацитет од 35 болнички кревети. Зградата на Инфективното одделение е посебен објект во кругот на болницата, а во едно од крилата на овој објект привремено е сместено одделението за Неврологија.