Ден на жалост во Куманово – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/20 1:50 PM

Ден на жалост во Куманово

Куманово денеска е обвиено во тага по загубата на четворица свои жители, кои несреќно го загубија животот во недела при експлозија на плинска боца во селото Романовце.

Знамињата се на половина копје, а откажани се сите спортски, културни и забавни случувања, откако Советот на Општина Куманово денешниот ден го прогласи за Ден на жалост.

На лице место во недела наутро смртно страдаа деца на возраст од 8, 9 и 11 години, а во болница подоцна на повредите им подлегна и нивниот дедо.

Градоначалникот Максим Димитриевски ги повика институциите во најбрз можен рок да излезат со конкретни детали кои се причините кои довеле до ваквата трагедија.

– Апелирам надлежните органи да ја утврдат фактичката состојба и да излезат со детали во јавноста и ја користам приликата од мое име и од граѓаните да изразам најдлабоко сочувство до двете семејства и членовите на семејствата Сакипи и Алими, бидејќи според нашите сознанија кои официјално и од медиуми ги добиваме се работи за еден трагичен настан во кој наши сограѓани ги изгубија своите животи,а  притоа и веројатно не биле свесни во моментот што всушсност се случува, изјави Димитриевски.

Локалната самоуправа најави дека материјално и финансиски ќе им помогне на семејствата Алими и Сакипи.

Дел од советниците на вчерашната вонредна седница на Советот на Општина Куманово побараа државните институции да спроведуваат засилени контроли врз сите кои продаваат или произведуваат плински уреди, со цел во иднина да се спречат вакви немили настани.

Инаку, на скопските клиники остануваат уште неколку повредени лица. Дел од нив имаат сериозни изгореници на телото и до 80%, а повредена е и една бремена жена и дете. Лекарите велат дека нивната состојба е сериозна и се борат за своите животи.