Независниот синдикат на судската полиција бара итно подобрување на работничките права – ММС
ММС

Објавено на: 02/21/20 2:09 PM

Независниот синдикат на судската полиција бара итно подобрување на работничките права

Нова опрема и соодветни униформи, регулиран бенифициран стаж, донесување на Правилник за процентите за зголемување на платата до 20 проценти, се само дел од горливите прашања со кои се соочуваат и ставаат акцент припадниците на судската полиција.

Независниот синдикат на судската полиција го поздравува донесувањето на Програмата за едукација и тренинг на припадниците на судската полиција, но во исто време потсетуваат дека статусот на судскиот полицаец е во загрижувачка состојба и дека на врвот на приоритетната листа мора да биде значително подобрување на истиот, вели Александар Литовски, Претседател на синдикатот.

-Моментално статусот на судскиот полицаец е на незавидно ниво. Затоа што судската полиција веќе 23 години откако е формирана, оставена е самата на себе. Многу катастрофална е состојбата и со оружјето, поделено од запленето оружје, а имаме многу судови каде што колегите воопшто немаат свое оружје, продолжува Литовски.

Во насока на подобрување на ситуацијата во која се наоѓаат, Независниот синдикат на судската полиција наведува конкретни барања од Министерството за правда.

-Дел од нашите конкретни барања се однесуваат на измени за законот за судска служба, каде би се регулирал бенифицираниот стаж и пензионирањето на судските полицајци. Исто така, додатоците на плата коишто ги земаат сите останати вработени во судовите освен судската полиција и техничкиот персонал, треба да не опфатат и нас, додава претседателот на синдикатот.

Според синдикатот, сепак прашањето за бенифицираниот стаж претставува можеби и најголем проблем за судските полицајци, проблем кој бара итно решавање. Судските полицајци за разлика од останатите колеги, во пензија можат да одат на 64 годишна возраст.

Покрај тоа, недонесувањето на Правилникот за проценти за зголемување на плата од 20 проценти е уште една пречка во остварувањето и подобрувањето на работничките права од овој сектор.