Претседателот Стево Пендаровски го воведува признанието „Успешни млади” со цел да ја поддржи и поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите од земјава и да се зголеми нивната мотивација за нови достигнувања и вреднување на нивниот труд.
Признанието ќе го доделува Пендаровски по одлука на Комисија која вчера, како што соопшти Кабинетот на Претседателот, одржала конститутивна седница. Составена е од академици, доктори, експерти во конкретни области, еминентни професори на универзитети во нашата земја, но и надвор од неа. Претседател на Комисијата е проф. д-р Анета Цекиќ, професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”-Скопје.
– Истакнувајќи дека нема надлежност во работата на комисијата, претседателот Пендаровски искажа верување дека признанијата ќе ги вреднуваат најдобрите, соопшти Кабинетот.
На отворањето на седницата Пендаровски истакнал дека ова е проект кој ги вреднува трудовите на талентираните луѓе, а оценката на пријавените трудови ќе ја прават извонредни професори, научници, доктори на наука.
Признанието ќе се доделува врз основа на прецизно утврдени критериуми за резултати постигнати во текот на 2019 година на најдобри млади научници во општествени, хуманистички, природно-математички, технички науки и медицински науки, како и на млади со значајни достигнувања во уметничките и културните практики. Исто така, признанија ќе се доделуваат и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.
Наскоро ќе биде објавен јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади” за 2019 година, на кој ќе може да се пријават сите коишто заклучно до крајот на 2019 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија. Исклучок е шестата категорија – млад талент, за која имаат право да се пријават само ученици од средните училишта.
Членови на комисијата која ќе одлучува за признанието „Успешни млади” се: проф. д-р Марија Чундева Блајер, УКИМ – ФЕИТ; д-р Андреја Арсовски, Општа болница „Ремедика”; академик Љупчо Коцарев, МАНУ; д-р Тамара Ќупева, СУГС Гимназија „Орце Николов” – Скопје; проф. д-р Владимир Мартиновски, УКИМ, Филолошки факултет – Скопје; Анита Никова, извршен директор – МАСИТ; д-р Владимир Чадиковски, Клиничка болница „Аџибадем – Систина”; проф. д-р Бобан Мисоски, вонреден професор, УКИМ, Правен факултет – Скопје; доц. д-р Ана Чупеска, УКИМ, Институт за политички науки – Скопје; проф. д-р Трајче Стафилов, УКИМ, Природно-математички факултет; проф. д-р Иван Додовски, Универзитет Американ колеџ Скопје; проф. д-р Ристо Солунчев, УКИМ, Филозофски факултет – Скопје; проф. д-р Марија Стевановиќ, УКИМ, Стоматолошки факултет – Скопје; академик Таки Фити – МАНУ; Афердита Хаџијаха Имери, експерт за социјална инклузија, Меѓународна фондација за избори и изборни системи; проф. д-р Гзиме Старова, УКИМ, Правен факултет – Скопје; проф. д-р Петар Поповски, Универзитет „Албург”; проф. д-р Илија Дуковски, Универзитет Бостон; д-р Елена Ставревска, Лондонска школа за економија и политички науки; д-р Јане Богоев, Светска банка и проф. д-р Живорад Томовски, УКИМ, Природно-математички факултет.
– Во работата на Комисијата ќе придонесат и советничките на претседателот Искра Гешовска – од областа на културата, Фикрија Таир – за прашања поврзани со ромската заедница, Марија Башевска – за родови прашања и Беса Арифи – за правни прашања, наведува Кабинетот на Пендаровски.
МИА