И ЈП „Македонски железници” ќе треба да издаде согласност пред да започне санацијата на свлечиштето „Цуцка” на јужниот излез на Велес – ММС
ММС

Објавено на: 02/20/20 5:28 PM

И ЈП „Македонски железници” ќе треба да издаде согласност пред да започне санацијата на свлечиштето „Цуцка” на јужниот излез на Велес

Сега и ЈП „Македонски железници” ќе треба да издаде согласност пред да започне санацијата на свлечиштето „Цуцка” на јужниот излез на Велес.

Тоа е причина што во  понеделникот на 17 февруари не започнаа градежните работи. Посебната согласност е потребна затоа што во ширината од 3,5 метри на теренот на интервенција 50 сантиметри се во владение на железници и што пругата Скопје – Гевгелија е електрифицирана а треба да се гради и потпорен ѕид.

-Просторот мора да се уреди како градилиште. Таму ќе има ноќен чувар. Треба да се забрани движењето на возила и сите возила да вртат преку автопат за да можат да дојдат до фабриката „Димко Митрев”, „Агрија” или граѓаните до своите домови. Изведувачот беше во општинава и објасни дека при разгледување на техничката документација се утврдило дека поради ширината од 3,5 метри на теренот на интервенција се зафаќа  50 сантиметри од простор со кој владее ЈП „Македонски железници”, за што е потребна посебна согласност бидејќи при работа со механизацијата во близина на електрифицирана пруга се создава електромагнетно поле од кое може да се случи да настрадаат работниците, рече градоначалникот Коцевски.

Според првичните проценки, изведувањето на градежните работи на санација на ридот „Цуцка”, ќе трае неколку месеци.

-Јас ги замолив периодот на изведување на санацијата, но не на штета на квалитетот, да биде во пократок временски период затоа што треба да се забрани сообраќајот. Бев информиран дека за изведување на стручните специјализирани работи бидејќи нема македонски фирми ќе бидат ангажирани подизведувачи од Хрватска, додаде Коцевски.

За анкерисување и вадење на опасни делови од карпите на масивот „Цуцка” исто така ќе бидат ангажирани и алпинисти.

Големиот одрон се случи во март 2018 година, кога десетици тони карпи паднаа врз патот и пругата.

Убавка Јаневска