Адеми: Ги покачивме платите за 21 отсто, образованието останува наш приоритет – ММС
ММС

Објавено на: 02/20/20 3:02 PM

Адеми: Ги покачивме платите за 21 отсто, образованието останува наш приоритет

Наставниците се најважната алка во образовниот процес на учениците. Од нив, односно од нивната заложба, мотивираност за работа и креативност при извршување на работните обврски најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат.

Ова го истакна Арбер Адеми, член на највисокото раководство на Демократската унија за интеграција и министер за образование и наука на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.

– Без задоволни наставници нема квалитетно образование. Ние сме свесни за оваа работа и затоа во изминатите две години силно се заложивме да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставничката професија. Се заложивме наставниците да го добијат местото во општеството и почитта која всушност и ја заслужуваат, рече Адеми.

Тој најави дека во следниот период ќе работат на надградба и понуда на нови можности за наставниците и стручните соработници.

– За период од две години, платите на наставниците во основните и средните училишта се зголемени за повеќе од 21 процент. Историско покачување со кое се гордееме. Првото покачување на платите на наставниците се случи во септември 2018 година и тоа за 5 отсто, второто во септември 2019 година исто така за 5 отсто, додека третото кое изнесува нови 10 отсто е реализирано во јануари 2020 година. Кумулативно заедно со годишните порамнувања, имаме зголемување на платите на наставниците и стручните соработници за повеќе од 21 отсто, рече Адеми.

Во меѓувреме, посочи тој, пораснаа и платите на вработените во високо образовните установи за 5 отсто, а наскоро, по изнаоѓање на правно решение ќе ги добијат и новите 10 отсто кои се веќе договорени. Додаде дека пораснаа и платите на вработените во научните институти за дури повеќе за 30 отсто.

Одговарајќи на новинарско прашање изјави дека средствата за зголемување на платите за 10 отсто се веќе обезбедени со буџет, но како што рече, Уставот вели дека покачување на платите може да има ако тоа се предвиде со закон или колективен договор.

– На ниво на гранка немаме колективе договор. Од осамостојувањето до денеска таков колективен договор не сме имале. Имаше иницијатива да се потпишат поединечни колективни договори во рамки на работодавач. Но, имаше отпор, критики и резистентност од страна на постоечките синдикати. Затоа се определивме за изменување и дополнување на законто за исплата на платите. Во наредниот период ќе бидеме фокусирани тоа што веќе е обезбедени и предвидени во буџетот на Република Северна Македонија, тоа и да го направиме. Средствата се обезбедени засметувајќи од 1 јануари 2020 година, за сите вработени високо образовни установи, конкретно во јавните универзитети, истакна Адеми.

Адеми информира дека градежните работи за изградбата на објектот на Универзитетот „Мајка Тереза” се при крај и оти во моментот се работи урбанистичкиот детален план. Додаде дека штом заврши урбанистичкиот детален план, Универзитетот ќе објави јавна набавка за адаптирање на просториите и објектите што веќе тие ги поседуваат во рамки на касарната „Илинден”.

– Во Изборниот законик се вели дека ниту еден одреден процес, и во аспект на инвестициската инфраструктура не смее да се прекине. Нема причина зоѓто да се прекине. Нема законска пречка за да се прекине, доколку за истиот е предвиден буџет, ако се предвидени во соодветна програма и се предвидени со годишниот план за набавки, рече Адеми.

МИА