Kaвадарци започна постапка за изградба на нов зелен пазар – ММС
ММС

Објавено на: 02/19/20 2:58 PM

Kaвадарци започна постапка за изградба на нов зелен пазар

Современ, покриен градски зелен пазар ќе се гради во Кавадарци на местото на постоечкиот. Ваква одлука на последната седница донесоа советниците во кавадаречкиот совет. Инвестицијата на овој капитален проект ќе се реализира со задолжување од Светска Банка, најави градоначалникот Митко Јанчев. Тој е оптимист дека со изградба ќе може да се отпочне во месец јули годинава.

„Зелениот пазар би коштал околу 80 милиони  денари. Тука би добиле и две сообраќајници. Ќе имаме намалување на метежот во сообраќајот. Пазарот ќе биде со две подземни гаражи на кат -1 и -2 и кота 0,  каде ќе биде зелениот пазар соодветно покриен. Би добиле еден културен зелен пазар како што доликува на една општина.  каде соодветно можат да се продаваат зеленчук, овошје,  млечни производи. Со тоа Кавадарци после 50 години би добил стварно градски пазар и би се намалил сообраќајниот метеж кој се појавува во пазарни денови“ вели Јанчев.

За изградба на новиот пазар советот усвои и детален урбанистички план. Додека трае изградбата на новиот пазар, кавадарчани ќе пазаруваат на алтернативниот пазар кој неодамна беше пуштен во функција, а се наоѓа во новиот центар на градот.

Од локалната самоуправа велат дека работењето на  дуќанџиите кои имаат свои објекти во непосредна близина на пазарот, нема да биде загрозено додека ќе траат градежните работи.

Очекувањата се дека пазарот ќе работи рентабилно и вложената инвестиција ќе биде вратена за десетина години.

Ангел Данов