Стопанската комора на Македонија денес одбележа 98 години од работењето, на настанот одбележана беше и соработката со организацијата за економска соработка и развој (OECD) во однос на прашањата за зајакнувањето на трансформациските потенцијали на македонската но и на меѓународната економија. Главното мото на Комората годинава е „Со членството моќни, во визијата истрајни“.Извозот, индустријата, регионалната соработка, одржливиот раст и инвестициите, се клучната определба на бизнис секторот во земјава, порачаа од Стопанската комора.
На настанот присуствуваа претседателот на владата, Оливер Спасовски и вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска
Спасовски потенцираше дека за да се создаде современа дигитална економија на третата деценија од 21-от век,треба да има соработка со стопанските комори.Тој додаде дека впрочем и економската програма на Владата е создадена во најголем дел од економски препораки од Стопанската комора, кои даваат резултати
„Во мај 2017 година наследивме БДП од минус 1,8 проценти и го зголемивме на 3.6 проценти во просек за последните четири квартали. Отворивме 60.000 нови работни места, што е рекорд за толку кратко време и ја намаливме невработеноста на 17.1 отсто, што е незапаметена бројка во историјата. Со вакво темпо, и со очекуваните инвестиции полноправното членство на државата во НАТО, до 2024 година стапката на невработеност проектираме да достигне под 10%. Членството во НАТО и стартот на преговорите со ЕУ ја зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој”, подвлече Спасовски.
Вицепремиерката Царовска истакна дека компаниите се ослободени и се развиваат, а тоа може да се воочи преку растот на индустриското производство и растот на трговската размена кој лани достигна 10 отсто.
„Расте и трговската размена, којашто во 2019 година бележи раст од 10%. Во пари тоа значи дека вредноста на извозот лани изнесувал рекордни 6,4 милијарди евра, а во 2016 година 4,3 милијарди евра, или споредено со 2016 година пораснал за неверојатни 48%. Сите овие позитивни бројки, се резултат на наша заедничка и посветена работа. Но, не треба да ги заборавиме и нашите партнери од Запaден Балкан со кои го јакнеме регионалното поврзување и заеднички создаваме услови за подобар економски раст и развој“, подвлече Царовска.
Премиерот Спасовски и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески ги доделија наградите и признанијата за најуспешни компании за 2019 година за компании со висок степен на финализирани производи за извоз, награди за долгогодишни активни членки на Стопанската комора, признанието за компанија со најголем број на учесници на едукативни настани во Стопанската комора во 2019 година и специјалното признание за компанија со континуирана долгогодишна активност и опстојување на македонскиот пазар. Помеѓу оние кои добија признание беше и компанијата на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Ангушев
Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на тема „Западен Балкан на глобалните пазари: Нови можности за трговска размена и инвестиции”.


