Шест аеродроми во поранешна Југославија се најдоа меѓу 150-те најпрометни во Европа, а само еден е меѓу првите 100.
Според податоците на Меѓународниот аеродромски совет на Европа (ACI), најпрометниот аеродром на ова подрачје е белградскиот, кој се најде на 89-то место во Европа. Минатата година аеродромот опслужил 6.162.159 патници на 62.062 летови и 17.340 тони товар.
Загребскиот аеродром е на 115-то место со 3.435.531 патници, 45.061 летови и 12.684 тони товар. Следи Сплит на 117-то место, Дубровник (129), Приштина (136) и Скопје (137). Аеродромот во Љубљана е 151-ви на континентот.
Од главните градови во Европа, најмал промет има аеродромот во Сараево, кој е на 169-то место. Утеха е дека Сараево бележи голем раст од 9,3 проценти, според овие податоци.
Првите позиции во Европа ги заземаат лондонски Heathrow, париски Charles De Gaulle, и аеродромите во Амстердам, Франкфурт, Мадрид и Барселона.
Рекорден број патници
Авио сообраќајот во Европа минатата година имал најмал раст од 2012 година. Патничкиот сообраќај во Европа минатата година се зголемил за 3,2 проценти, но тоа е само половина стапка на раст од 2018 година. Сепак, аеродромите во Европа опслужиле рекордни 2,43 милијарди патници во 2019 година.
Извор: denar.mk