Николовски: Доказите од ПИ Мерките за “Рекет” доказ за вмешаност на власта – ММС
ММС

Објавено на: 02/18/20 7:25 AM

Николовски: Доказите од ПИ Мерките за “Рекет” доказ за вмешаност на власта

Денеска објавените докази од ПИ Мерки за случајот „Рекет” недвосмислено говорат дека власта и врвот на СДСМ стојат зад целиот случај и дека рекетот бил координирана акција, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски. Тој, на вечерашната прес-конференција, побара Обвинителството да ги објави целосните снимки бидејќи, како што рече, законот налага освен фото и видео да има и тонски записи од истрагата.

– На денешното судско рочиште за случајот „Рекет” беа прикажани снимки од ПИ мерките на МВР за следење на двајца обвинети во овој случај Зоран Милевски-Кичеец и Катица Јанева. Но, освен видео снимки од некои средби, во судницата не беа пуштени и тонските снимки. Бараме во судница во најкраток можен рок да бидат презентирани и тонските записи од тие снимки, изјави Николовски.

Денеска од посебно истражни мерки легално прибавени од страна на обвинителството разбравме, потенцира Николовски, дека Катица Јанева во текот на месец август, откако случајот беше и формално отворен со приведувањето на другите двајца во тоа време осомничени, а сега веќе еден осуден, остварила минимум една средба со тогаш премиерот Зоран Заев.

-Катица Јанева отишла на кај резиденцијата на претседателот и премиерот имајќи предвид дека претседателот на државата веќе демантираше дека била кај него, односно кажа човекот дека во резиденцијата живее од октомври 2019 година, а средбата е во август 2019, јасно е дека средбата е со Зоран Заев.

Од доказите, според него, може да се види и дека Зоран Милески Кичеец имал средба со Вице Заев, братот на Зоран Заев. Значи, Зоран Милески Кичеец имал во текот на јуни и јули месец средба со Вице Заев.

-Се поставува прашањето, за што зборувале на овие средби? Која е содржината на тие средби и секако како е возможно да се среќаваат доколку претходно немаат комуникација и не се познаваат. На средбата бил и фамилијарниот адвокат на Заев, истакна Николовски.

Тој обара обвинителството да ги објави и тонските записи од овие истражни мерки.

-Согласно член 18 од Законот за следење на комуникации каде се предвидува тонско снимање на содржината на комуникациите на лица на отворен простор, значи лица кои што се следат на отворен простор на средби кои што ги имаат, покрај тоа што се покриваат физички, со камери и со видео, се покриваат и тонски. Исто така од приказот на посебните истражни мерки не се добива впечаток дека истражителите само го фотографирале и направиле видео од средбата, туку јасно е дека има и тонско снимање, рече Николовски и праша дали мерките со план не се спроведени со цел да се скрие нивната содржина.

Според него, ова е врв на овој скандал кој што, како што рече, само покажува дека тројцата обвинети во „Рекет” се само врвот на ледениот брег , дека она што го зборувааат со месеци е дека ова е добро планирана акција планира од самиот врв на СДСМ и на власта, во којашто се рекетирани повеќе од еден бизнисмен, и во којашто се изрекетирани далеку повеќе пари од ова што е сега познато. 

МИА