Лидерот на СДСМ, Зоран Заев од говорницата поставена пред комплексот судови како дел од „Маршот за правда“ порача дека по гласањето на Законот за Јавно обвинителство, сега правосудството е на потег. Тој потенцираше дека вчера Собранието отворило ново поглавје во реформите за правосудството.
„Огромно мнозинство од пратеници, застанаа зад Законот за јавното обвинителство кој е темел на градењето силна, независна и ефикасна правна држава. Зад него застанаа 80 пратеници, граѓаните и стручната јавност, и пријателите од ЕУ и САД. Со овој закон гарантирана е судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО“, рече Заев во обраќањето.
Тој рече дека сите предмети ќе имаат правна разрешница, врз основа на фер и транспарентни постапки, на обвинитите ќе им се суди врз база на докази кои биле обезбедени низ долги постапки за што основни индиции се прислушкуваните разговори.
„Нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за нови случаи секој што го прекршил законот ќе се соочи со одговорност, секој кој допрва ќе го прекрши законот ќе се соочи со одговорноста. Нашиот народ е желен за правда, за ефикасна правда, за брза правда, за правична правда“, порача Заев.
Лидерот на СДСМ, потенцираше дека со овој закон политичарите нема да може да бираат и менуваат обвинители, ниту да одлучуваат за иднината на предметите, тој рече нема повеќе тефтерчиња, а тие што се виновни за старите тефтерчиња ќе одговараат.


