Собранието во раните утрински часови ноќва ја разреши министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. По повеќечасовна расправа, пратениците со 62 гласа „за“ и 26 „против“ ја разрешија министерката.
Мизрахи по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, пред 1,5 месец стана дел од техничката влада која треба да организира и да спроведе избори.
Разрешувањето на министерката уследи откако техничкиот премиер Спасовски до Собранието достави предлог за разрешување на Мизрахи, затоа што министерката неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“. Според него министерката Мизрахи го прекршила Уставот, со тоа што не го почитувала Преспанскиот договор и на тој начин ги загрозила евроинтеграциите.
ВМРО-ДПМНЕ, смета дека причина за разрешувањето на Мизрахи не е таблата со името Република Македонија, туку тоа што таа открила незаконитости и злоупотреби што ги правела претходната министерка Мила Царовска.
Пред да почне 136. седница на која беше разрешена Мизрахи, и на која на дневен ред се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка и Предлог-законот за дополнување на Законот за лична карта, претседателот на Собранието Талат Џафери ја премина 135. седница на која заврши расправата за законот за јавно обвинителство, без да се гласа. Продолжението ќе биде дополнително закажано.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека Собранието ќе работи без прекин додека да се распушти и не се распишат предвремените парламентарни избори најавени за 12 април.


