Сообраќајната полиција во Софија почна со проверки на автомобилите и камионите што го загадуваат воздухот во Софија.
Возилата што испуштаат штетни гасови над дозволеното ќе бидат исклучувани од сообраќај и нема да може да се возат додека сопствениците не ги доведат во границите на дозволеното нивото на штетни честички.
За таа цел на сообраќајната полиција ѝ се доделени пет уреди од градските власти со кои ќе се мери нивото на штетни гасови.
Досега вакви уреди во Бугарија се користеа само при регистрација на возилата.
Оваа мерка е донесена од градските власти во рамки на активностите за намалување на загадувањето на воздухот.
Таа важела и лани, но не се применувала затоа што дел од уредите не биле во целост функционални и требало да се заменат.
Според експертите во Бугарија, 60 отсто од загадувањето на воздухот е поради старите дизел автомобили.
360степени.мк