Милошоски во Собранието објави аудио снимка од наводен разговор на З.З. за Боки 13 – ММС
ММС

Објавено на: 02/12/20 4:33 PM

Милошоски во Собранието објави аудио снимка од наводен разговор на З.З. за Боки 13

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска на седницата на собраниската Комисијата за европски прашања на која се разгледуваше Предлог-законот за јавно обвинителство презентира писмо, аудио снимка и транскрипт за, како што наведе, разговор на лицето З.З. во врска со Боки 13.
Според него, ова можеа да фрли нова светлина на вистинската желба за борбата против организиран криминал и висока корупција од избрани и именувани функционери.
-Во текот на денешниот ден до мене од укажувач стигнат е материјал кој сакам да го поделам на претседателот на Комисијата и на пратеничките групи, рече Милошоски.
Според него, оваа снимка покажува зошто некој не сака нелегално снимени разговори да бидат доказ во судски постапки.
-Сметам дека транскриптот и аудио материјалот фрлаат една мала светлина на тоа кој навистина сака скриена амнестија и зошто. И зошто некој предлага било какви материјали на кои има сериозни индиции за висока корупција и организиран криминал можат да важат до вчера, а не можат да важат денес или утре, рече Милошоски.
Тој пред пратениците ја пушти аудио снимката, а потоа го прочита и транскриптот. Според Милошоски, лицето З.З. на соговорникот му рекол: „Му требаат пари за тоа телевизијата и само прави некои комбинации. Го прашав Боки бе, од каде парите за телевизија. Тој ми рече од Хрватска, но главно од Циле, Силјан Мицевски, од тоа проектот за старечките домови, ако знаеш. Ние на неколку пати му помагаме така за телевизијата, главно за маркетинг за да му помогнеме Тоа беше уште лани октомври, ноември 2018 година“.

Министерката за правда Рената Дескоска реплицирајќи му на Милошоски рече дека без разлика на тоа какви материјали ќе се презентираат тука, заложбата за неселективна правда кај никој од пратениците, особено од владејачкото мнозинство, не е намалена, ниту избледена.

-Јас лично го повикувам ЈО доколку има докази, па дури и индиции за сторени кривични дела да отвори постапки и да ги процесуира. Вистинската адреса доколку има такви ситуации е ЈО. Се надевам дека и вие ќе постапите ако верувате во тоа што денеска го презентирате, рече Дескоска.

МИА