Кој сака да биде судија-поротник? Кои се судиите-поротници? Колку се подложни на влијанија? Ова беа само дел од прашањата на кои се обиде да даде одговор денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“.
– Да се прифати да се биде судија-поротник во секоја нормално развиена држава е чест, одговорност. Меѓутоа, кај нас нормален човек со интегритет тешко се одлучува во еден ваков систем на вредности да се нафати на тоа и да биде изложен на големи ризици и опасности. Ако ме прашувате мене, јас би прифатил. Сакам ризици – рече Васко Тодоровски од здружението „Зелена лупа“.
Освен него, гости на Столе Наумов во скопското студио на „Канал 77“ беа и Васко Меглешев, новинар на БИРН и автор на сторија за судиите-поротници, и адвокатот Јовица Страшевски, познат од судењето за „ТНТ“, кога поради оставка на поротничка, за првпат јавноста повеќе се заинтересира за судиите-поротници. Во штипското студио на „Канал 77“, пак, гостин беше неодамна пензионираниот судија Стојан Михов.
– Јас не би прифатил да бидам судија-поротник, бидејќи мислам дека поперспективно е човек да работи, на пример, како такси-возач. Ем е подоходовно ем не се изложуваш на толкави ризици. Додуша, има секакви судии-поротници. Некои велат:„Јас бев поротничка, многу интересно и забавно е тоа“. Постојниот систем со законските одредби во врска со ова прашање е добар, но мислам дека надоместоците се прениски. Судија-поротник не е професија, но треба попристоен надоместок – смета Меглешев.
Интересот да се биде судија-поротник во Македонија е се’ помал. Веројатно поради споменатите надоместоци, кои, во зависност од судот, дневно се движеле од 300 до 600 денари, одговорноста, ризиците… За многумина судијата-поротоник е само декор во судскиот процес, ситно штрафче во гласачката машинерија, иако има рамноправен глас и одлучува за судбини на луѓе, семејства, често и за предмети со милионски суми. Некогаш тие и ги надласуваат професионалните судии, како во случајот „Раштански лозја“.
– Системот ни’ е добар, но кај поротниците треба да се разбуди свеста и мора активно, совесно и одговорно да се вклучуваат во процесите. Кога прифатиле да бидат поротници ги прифатиле и одговорноста и надоместоците што им следуваат. Судовите и претседателите мора да внимаваат со распоредите, на годините што ги имаат поротниците за да не се случува тоа што се случи на „ТНТ“ – истакна адвокатот Страшевски.
Слично зборувае и судијата Стојан Михов.
– Кај нас не е до системот, туку до тоа како го применуваме законот. Законот не се толкува, се применува. Судијата-поротник мора да има интегритет. Мислам дека како поротници досега имавме совесни луѓе, со мали исклучоци – рече Михов.
Во рамките на емисијата беше презентирана и новинарската истражувачка сторија на Весна Коловска, во која на тема за судиите-поротници зборуваа Тодор Витларов, виш јавен обвинител во Штип, Лазар Нанев, претседател на Основниот суд во Кавадарци, адвокатката Виолета Петкова, која претходно имала тригодишно искуство како судија-поротник, и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, кој откри дека имало некои размислувања од судиите за законско укунување на судиите-поротници, но такво нешто тешко ќе поминело зашто нема таква практика во зпадноевропските демократии и правосудни системи.
Оваа и следните 15 емисии на „Стадион“ ќе бидат тематски, на повеќе теми под заеднички наслов „Парадокс“, а од денешната емисија „Стадион“, како мултимедијална содржина, ќе се емитува и на телевизиите „Ирис“ од Штип и „Визија“ од Прилеп, а во наредниот период веројатно и на други регионални телевизии што покажуваат интерес.