Од големата „ грижа“ за историското штипско Ново Село остана реата од целата штипска канализација, решението чини 20 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 02/7/20 7:03 PM

Од големата „ грижа“ за историското штипско Ново Село остана реата од целата штипска канализација, решението чини 20 милиони евра

Жителите од штипско Ново село со години ја трпат миризбата од целата штипската канализација, посебно зачинувајќи ги летните жешки денови. Големата колекторска цевка лоцирана на стариот мостот кон бањата Кежовица  , стара 40 години, секојдневно се распаѓа а доколку се повтори поплавата од 2013 година може и да се преполови ,тврдат жителите од оваа населба. Поради фрлањето по крстот на ,,Водици “,колекторската цевка е санирана, ѓеризот засега го нема, но смрдеата и понатаму се чувствува. Сликата и смрдеата ја надополнува и проблемот на петнаесетина куќи кои не се вклучени во канализациската мрежа . Некој започнал но не завршил. Трајното решение според општинските одговорни лица е изградба на  пречистителна станица ,која што чини многу пари , кои општината ги нема. Штипскиот градаоначалник Благој Бочварски вели дека проект е направен и со него ќе се бараат пари од европските фондови.

Од едната страна на патот-  музеј, куќи со стара градска архитектура и цркви, од другата страна закрпена стара и веќе распадната колекторска цевка од која што до скоро течеа фекалии во реката , формирајќи ѓериз од кој што се ширеше неподнослива миризба.Таква слика ќе ве пречека на самиот влез на Штип, од каде што се протега и најстарата штипска населба Ново Село.

Да не мораше да се одржи традиционалното   фрлање по светиот крст на „Водици“ од колекторската цевка лоцирана под мостот кон Л’џите , се уште ќе истекуваа фекалии, велат жителите. Иако градоначалникот на Штип, Благој Бочварски вели дека проблемот е решен за Новоселци тоа е привремено решение кое што многу бргу ќе ги покаже првите знаци.

,,Се трудиме да ги решиме проблемите со кои што се соочуваат граѓаните, дел од нив се решаваат, дел бараат време. Проблемот со колекторската цевка во Ново Село која што со години беше отворена и оштетена, никој не најде за сходно да го реши. Еве ние го решивме, со тоа што ги заштитивме граѓаните од лошата  миризба и неубавата глетка“, вели Бочварски.

За жителите од штипско Ново Село, проблемот не е решен, цевката можеби е прикрпена , но миризбата останува.

„…Ова  е за краток период.  За кратко време дупки пак ќе има…пак ќе мириса, . . . Да не беше фрлањето по крстот, немаше ништо да се направи . ..Ставија една мушама и готово. . .“ велат Новоселци.

АКО СЕ ПОВТОРИ ПОПЛАВАТА ОД 2013 КОЛЕКТОРСКАТА ЦЕВКА ЌЕ СЕ ПРЕПОЛОВИ

Постоеше голема опасност за време на поплавата во 2013 година , реката  и се’ таа што го носеше со неа, да ја откачат колекторската цевка.За среќа тоа не се случи, што не значи дека ако не се најде трајно решение, нема и  да се оствари, вели Киро Маџунаров, жител на Ново Село.

„Јас очекував со надојдените води и дрвјата   што ги носеше реката Брегалница во поплавата во 2013 година, да ја откачи целосно колекторската цевка, но пожарникарите ги исекоа дрвјата и спречија да се случи еколошка катастрофа. Инаку и сега една „поголема“ надојдена вода сигурно ќе ја разбие колекторската цевка па или ќе ја однесе или ќе ја раздвои на половина. Горниот дел од цевката е изгниен, кородиран, долниот дел од водата што тече сега  на некој начин како да ја штити. Во секој случај може да се каже дека околу 30% од горниот дел на цевката е изгниен“, вели Маџунаров.

поплава 2013

Непријатна миризба се чувствуваше и пред четири години, но тоа не е причина сега опозициската  ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференции  да го актуализира овој проблем. Ова е една од нивните последни реакции :

„ Во изминативе три години, ескалираше проблемот со колекторската цевка во Ново Село. Имено, како резултат на неажурното работење на Општината и ЈП Исар, корозијата ги зголеми отворите и од истата почнаа да излегуваат фекалии, кои се видливи со голо око. Освен тоа, реата која се шири наоколу е неподнослива, за кое може да посведочат и жителите на оваа населба. Ние реагиравме за лошата состојба, меѓутоа надлежните остана без слух. Дури, беа толку дрски, па проблемот го сокрија со маскирање, со криење на проблемот под тепих, при што ја обложија цевката со лим, и тоа повторно на наша иницијатива.  Сега се‘ уште имаме отворена „рана“ во центарот на Ново Село, која е извор на лош мирис и потенцијална зараза за локалното население“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ Штип.

ПЕТНАЕСЕТИНА КУЌИ НЕ СЕ ПРИКЛУЧЕНИ НА КАНАЛИЗАЦИСКАТА МРЕЖА

Штипско Ново Село како најстара населба во градот која што по црквите, архитектурата и богатото и славно минато речиси целосно е заштитено културно наследство и не остава некој впечаток дека тука нешто се штити , особено кога на самиот влез на населбата т.е влезот на Штип се шири непријатна миризба и првата глетка е отворена цевка во близина на мостот од каде течат фекалии директно во реката Брегалница. Петнаесетина куќи покрај патот се уште не се приклучени на канализациската мрежа. Пред дваесетина години локалните власти почнале некои активности за решавање на проблемот но се стигнало до изградба на резервоар и цевка од која што денес се излеваат фекалии.

„На куќите , канализациите им беа под колекторот и од сите куќи канализациската мрежа е насочена тука под колекторската цевка, тука е резервоарот.Требаше овде да се направи препумпна станица и да се вклучи во колекторот.По се изгледа некој ги потрошил парите, па проектот остана незавршен“, додава Маџунаров.

Пред некоја година и повторно во пресрет на ,,Водици“ била вметната канализациска цевка која што истекувала во реката Брегалница некаде на излезот од градот, меѓутоа  ваквите импровизирани решенија не го спасија овој дел од населбата ниту од смрдеата ниту од излевањето на фекалии.

За овој проблем во моментов немаат решение ниту од Ј.П Исар.

,,Канализацијата од овие куќи се влева директно во реката Брегалница и единствено решение е нивно приклучување на канализациската мрежа, што во овој момент како парцијално решение не е исплатливо, затоа што во план е обезбедување на средства кои што трајно би го решил проблемот за целата општина“,вели директорот на Ј.П Исар, Живко Тасев.

ТРАЈНОТО РЕШЕНИЕ ЧИНИ 22 МИЛИОНИ ЕВРА

Во моментов трајно решение на проблемот со колекторската цевка и смрдеата  во штипско Ново Село нема. Само изградба на пречистителна станица и комплетно решавање на канализационата мрежа во целата општина ќе го елиминира овој проблем, вели штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

„Општина Штип има изработено пречистителна станица  за отпадни води, која ќе биде лоцирана некаде на четвртиот километар.Заедно со тој проект оди и проектот за санација на целиот канализационен систем на општина Штип.Тоа е еден огромен проект кој што комплетно би чинел некаде од 20-22 милиони евра, заедно со пречистителната станица која се проценува на 8,5 милиони евра. Тоа е многу пари кои обично доаѓаат од ЕУ грантови, неповратни средства. Ние како општина веќе аплициравме до Министерството за животна средина, кое што ги координира овие проекти. Штип заедно со општина Велес сме следните општини кои што имаме готова техничка документација и кои што по одредена динамика, доаѓаме на ред за решавање на проблемите со пречистителните станици а со тоа и со колекторскиот систем. Бидејќи имаме веќе готова техничка документација , кога ќе бидат одобрени средствата веднаш ќе се започне изградба на пречистителната станица и реконструкција на канализациониот систем. Дури тогаш може да кажеме дека трајно и долгорочно ќе се реши проблемот,“ вели Бочварски.

Проблемот со колекторската цевка не е проблем што се решава за еден ден, но ако се погледне и во годините наназад имало доволно време да се најде барем некое решение. Новоселци велат дека иако историјата на градот  главно е овде, грижата на надлежните од година на година е се’ помала а се помал е и бројот и на куќите од чии оџаци излегува чад, населбата се празни.

Сторијата е дел од проектот ,,Реагирај на вистинското место што го спроведува  „Медиа Плус“ ,финансиран од Фондацијата Отворено Општество-Македонија„

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено Општество-Македонија.