По речиси седумдесет години од изградбата на објектот на Здравствениот дом, во кој работи и Итната медицинска помош, за прв пат се реновирана. Инвестициите започнаа да се реализираат токму од службата на брзата помош и продолжија со инсталирањето на лифтот како и со подобрување на условите за работа на администрацијата. Директорот Никола Димовски вели дека со домаќинско работење и чесен однос кон граѓаните може да се подигне квалитетот на здравствените услуги и животот.
-Продолживме со добрата практика на издвојување на финансиски средства од буџетот на Здравствениот дом. Исто како и проектот за реконструкција на зградата кој започна во август 2018 година и тоа со реконструкција на делот во кој е сместена Итната медицинска помош. Продолживме со реновирање на внатрешноста на зградата кога за прв пат поставивме лифт со цел да го олесниме пристапот во институцијата за користење на потребните здравствени услуги особено за граѓаните со физичка попреченост. Би додал дека со чесен однос кон граѓаните или даночните обврзници и со домаќинско работење може да се направи многу како во подигнувањето на квалитетот на здравствените услуги така и воопшто на животот, додаде Димовски.
Лани,за реновирањето на Итната медицинска помош, внатрешноста и поставувањето на лифтот ЈЗУ Здравствен дом Велес од сопствениот буџет издвои 8 милиони денари или 130.000 евра. Годинава ја заврши реконструкцијата на покривот на главната зграда и замената со нови керамиди на објектот гаражи. Инвестицијата чини 6 милиони денари или вкупно 100.000 евра.
-Покривот со површина од близу 1.000 м2 целосно го реконструиравме со поставување на материјали кои обезбедуваат водонепропустливост, систем за одводнување, топлинска и звучна изолација. Најзначајно е тоа што е направен од градежни материјали кои не се од азбест и не го загрозуваат здравјето на вработените и на пациентите, рече Никола Димовски, директор на ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Во 2020 година се планирани комплетните реновирања на одделите за школската медицина и лабораторијата која ќе добие и нов биохемиски анализатор. Биохемичарот е вратен од специјализација и сега се разгледува опцијата за воведување на нови лабораториски испитувања што кога ќе се вршат во Велес граѓаните не ќе треба да патуваат во Скопје. За годинава планирани се и нови вработувања на стручен кадар за да се овозможи побрза и поквалитетна услуга за граѓаните во Велес, Градско и Чашка.
Убавка Јаневска