На „Рекет” прикажани снимки од камерите на Камчев со Боки 13 и Кичеец – ММС
ММС

Објавено на: 02/6/20 11:41 AM

На „Рекет” прикажани снимки од камерите на Камчев со Боки 13 и Кичеец

 На судењето за „Рекет” денеска беа прикажани снимки од камерите во куќата на Јордан Камчев, што тој во својство на сведок ги има доставено во Обвинителството како доказен материјал.

На една снимка се гледа како влегува Зоран Милевски – Кичеец,  а по кратко време излегува од куќата на Камчев. Истиот ден подоцна влегуваат Бојан Јовановски – Боки 13 и Кичеец. Од истата камера околу еден час подоцна се гледа Кичеец како излегува со торба „Луј Витон” и Боки со друга торба, а Камчев ги испраќа.

Станува звор за снимки што беа објавени од италијанскиот весник „Ла Верита”, а потоа и во македонските медиуми, само што истиот настан се прикажува од повеќе агли односно од други камери.

По паузата судењето продолжува со изнесување материјални докази од страна на обвинителството.

Првообвинетиот во случајот „Рекет” Бојан Јовановски – Боки 13, на почетокот на денешното рочиште побара одложување поради здравствени причини.

Боки 13 се пожали на болки, и кажа дека со гастроскопија му е утврдено дека некој орган треба да му биде отстранет. Судијата му одговори дека ќе повика итна помош, на што Јовановски рече дека не сака бидејќи тие само ќе му дале дијазепам и потоа нема да може да го следи судењето. Кажа дека има рак на желудник оти ако се почитувала терапијата од препораките немало да дојде до тоа.

Судијата, сепак, реши судењето денеска да продолжи.

Пред почетокот на рочиштето, Јовановски на висок тон и се обрати на обвинителката Вилма Рускоска дека „врши тортура врз него и дека Господ ќе ја казни”, по што обезбедувањето реагираше и го изнесе од судница. Отакако ситуацијата се смири, а судечкиот совет влезе во судницата, Јовановски беше вратен, а рочиштето почна.

На минатото рочиште беа презентирани фотографии од предмети одземени при претресот на домовите и работните простории на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, како и од претресот на домот на Зоран Милевски-Кичеец, кој призна вина.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание”. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.

На првото рочиште за „Рекет”, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.

МИА