Ширењето на смртоносниот корона вирус од Кина, се’ уште не претставува пандемија, соопштија денеска од Светската здравствена организација (СЗО).
„Моментално не сме во ситуација на пандемија. Ние сме во фаза на епидемија со повеќе жаришта“, рече Силви Бриан, директорката на одделението за подготовка за ризик од пандемија, при СЗО.
Од кога вирусот се појави во декември во градот Вухан, во центарот на Кина, од него се заразени повеќе од 20.000 луѓе, а заразата се рашири низ дваесетина земји. Од вирусот починаа 423 луѓе во Кина и по една личност во Хонгконг и на Филипините.
Бриан потсети дека епедимијата се појавила во кинеската провинција Хубеј.
„Преносот од човек на човек таму е интензивен и кинеските власти воведоа мерки за ограничување на ширењето на болестите. Се надеваме дека на основа на преземените мерки во Хубеј и на другите места каде што има заболени, можеме да го запреме ширењето на вирусот“, изјави Бриан.
Утврдено е дека вирусот се шири меѓу луѓето, а научниците се‘ уште проучуваат колку лесно се пренесува.
Бриан нагласи дека е важно заразените да носат маски за да не се шири заразата, а здравите луѓе да знаат дека маските не нудат комплетна заштита и да продолжат континуирано да ги мијат рацете.


