Последна редовна седница на Собранието, два часа по почетокот нема дневен ред – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/20 4:27 PM

Последна редовна седница на Собранието, два часа по почетокот нема дневен ред

– Последната 131. редовна собраниска седница со 75. точки на дневен ред, од кои најголем дел законски предлози од кои дваесетина закони по скратена постапка, автентични толкувања и други, започна со задоцнување од неколку часа, а на почетокот поради неприсуството на опозицијата на седницата не можеа да се гласа потребата за носење на законите по скратена постапка. Два часа по почетокот на седницата не беше изгласан дневниот ред на седницата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги повика пратениците од опозицијата да влезат во салата и да обезбедат кворум, наведувајќи дека по изборот на техничката влада, и опозицијата и власта имаат обврски да обезбедат атмосфера за одржување на изборите. Џафери додаде дека сега и опозицијата има свои претставници во Владата и не е веќе класична опозиција.

–  Опозицијата да влезе во салата и да обезбеди атмосфера, изјави Џафери.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека седницата која беше закажана за 11 часот, започна во 14 часот, а мнозинството не може да обезбеди кворум. Мицевски му забележа на Џафери дека се повикува на општата атмосфера за одржување на изборите, а на оваа последна собраниска седница ќе има стотина закони, бидејќи пратениците до почетокот на седницата добивале нови закони. Во Собранието се случува хаос, рече тој, како што тоа го направи Владата на СДСМ. Побара консултации и договор за тоа што е приоритетно од законите да поминат во Собранието пред неговото распуштање.

-ВМРО-ДПМНЕ сите закони што се приоритетни за граѓаните и што се врзани со рокови ќе ги поддржи. Другите закони од типот на оној за опојни дроги ќе останат за друг Парламент, рече Мицевски.

Претседателот на Парламентот возврати дека е должен сите закони што стасале до него до почетокот на седницата да ги стави на дневен ред. Во однос на предлозите на Владата, кажа тој, и опозицијата сега е дел од Владата. Во однос на Законот за Агенцијата за разузнавање, кој како што кажа Мицевски, наместо по редовна ќе се носи по скратена постапка, Џафери кажа дека имајќи предвид дека е согледано оти не може да се донесе во редовна постапка, во консулатција и со пратеник од опозицијата е договорено тој да биде по скратена постапка. Затоа, рече тој, побарав координаторите да се договорат за динамиката на работа и носење на законите.

Собранието одлучи по скатена постапка да разгледа најголем дел од предложените закони, додека неколку предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ не беа прифатени за натамошно разгледување. Директно на амандманска расправа на матични комисии одат законите за заштита на лични податоци, за формирање Агенција за проверка на носители и кандидати за носители на јавна функција предложен од Артан Груби и Реџаил Исмаили, измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за техничката инспекција, на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, на Законот за финансиската полиција,  измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поднесен од Костадин Ацевски, Артан Груби, Мирослав Јовановиќ, Предлог на закон за изменување на Законот за надворешни работи,  поднесен од Артан Груби и Јулиана Николова и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Северна Македонија, поднесен од Жаклина Лазаревска, Џеват Адеми, Снежана Калеска Ванчева, Мирослав Јовановиќ. По скратена постапка ќе се носат и измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и забавните игри, на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците, двата поднесени од Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, на Законот за социјална сигурност на старите лица, чии предлагачи се Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, дополнување на Законот за земјоделското земјиште, поднесен од Мира Стојчевска, Реџаиљ Исмаили, Татјана Прентовиќ, Милева Ѓоргиева, како и измените и дополнувањата на Законот за урбано зеленило.

За Предлог на законот за Агенцијата за разузнавање, кој се носи по скратена постапка, пратеникот Хари Локвенец како претседател на матичната Комисија за одбрана и безбедност најави дека в четврток, во 11 часот, во насока на транспаретност ќе биде организирана јавна расправа за подобрување на законското решение со цел квалитетен закон и донесен со консензус.

Собранието не го изгласа предлогот на Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, од дневниот ред да бидат тргнати законите за измена на Законот за минералани суровини и за финансиска полиција. Илиоски тврдеше дека зошто по скратена постапка и без јавна расправа, шверцерски, се носат овие измени и дали со законот за минерални суровини не се покриваат нечии бизнис интереси.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа промени на дневниот ред и тргање на точки од дневниот ред.

МИА