Најголем дневен скок на акциите на Tesla од 2013 година – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/20 3:59 PM

Најголем дневен скок на акциите на Tesla од 2013 година

Акциите на компанијата Tesla се зголемија за 19,9 проценти на Wall Street во понеделникот, откако аналитичката фирма “Argus Research” ја зголеми прогнозата за раст на цените од 556 на 808 долари, поради што меѓу берзантските шпекуланти предизвика јагма за хартиите од овој производител на електрични автомобили.

Ова е најголемиот еднодневен скок на акциите на Tesla од мај 2013 година, пренесува CNBC.

Аналитичарите на Argus во својата прогноза се повикаа на силните финансиски показатели за четвртиот квартал објавени минатата недела, кои ги надминаа очекувањата на Wall Street. Исто така ја зголемија проценката на заработката на Tesla по акција на 8,01 долари од 5,96 долари, предвидувајќи дека ќе се удвои до 2021 година.

На отворањето на берзата, акциите на Tesla се тргуваа на ниво нешто над 717 долари, за да во текот на денот го достигнат својот историски максимум од 786,14 долари.

Од почетокот на годината до денес, акциите на Tesla пораснаа за повеќе од 85 проценти, а пазарната капитализација на компанијата сега изнесува нешто над 140 милијарди долари.

Од Tesla, минатата среда соопштија дека испораката на возила во 2020 година би требало „лесно да надмине 500.000 единици“, откако претходно објавија дека во четвртиот квартал испорачале 112.000 возила ширум светот, што е рекорд на компанијата и значително повеќе од прогнозата на Wall Street, каде се типувало дека испораките ќе изнесуваат 106.000 единици.

Извор: denar.mk