Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, тогаш нека подготви амандмани на овој текст – се останато е алиби за недонесување на законот, велат од Министерството за правда во врска со денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за законот.
– Законот за јавно обвинителство се изготвуваше долг временски период во Министерството за правда, од работна група во која што учествуваа домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и дури странски јавни обвинители, кои што даваат сугестии и мислења за одредени пршања поврзани со законот. Законот е сè уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, тогаш нека подготви амандмани на овој текст – се останато е алиби за недонесување на законот, посочуваат од Министерството за правда.
Мицкоски денеска побара професори и експерти да изготват решение за законот за јавно обвинителство, кое, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го поддржи.
Тој предложи да се формира експертски тим во кој би биле вклучени професорите по уставно и казнено право Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
Законот што го предлага власта, според ВМРО-ДПМНЕ, е едностран и спротивен со експертските мислења, Уставот и кривичната материја, а негова единствена цел е Зоран Заев и актуелната власт да избегнат одговорност за, како што рече Мицкоски, сторените криминали.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак повикаа на консензус на политичките партии за законот.
Спасовски смета дека со тоа на дело ќе се покаже дека сите се за исполнување на стратешките цели – ЕУ и НАТО.
Заев вчера изјави дека законот за јавно обвинителство треба да се донесе според договорената меѓупартиска собраниска агенда пред распуштањето на Парламентот на 12 февруари. Ако тоа не се случи, Заев рече дека е можно одлагање на распуштањето на Собранието и пролонгирање на изборите.
МИА