За долг од три илјади денари, претставувајќи се како извршител се јавува на луѓе на телефон и бара да му се уплатат над 40.000 денари. На инсистирање да се претстави, наводниот извршител кажува дека се вика Дејан Зафировски. При тоа, од граѓаните кај кои се јавува, бара да му пратат матичен број и сметка од која ќе може да извади пари.
Според изјавата на една од жртвите, човекот кој се јавил се јавил од мобилен телефон со префикс 071, се претставил само како извршител од Скопје, но не кажал име.
„Ми се јави и ми рече дека е извршител. Ми кажа дека имам долг од 2017 година кој бил три илјади денари, но сега изнесува 40.000 денари. Кога го прашав за каков долг се работи, не сакаше да ми каже ништо освен дека се работи за долг кој треба да биде платен во најскоро време. Му реков дека предметот мора да се води на лице и да ми каже на чие име се води долгот. Но, тој одби и ми рече дека тоа не треба да ме интересира, да не се расправам со него и дека се’ што треба ќе ми стигне во писмена форма, па ќе дознаам“, изјави една од жртвите.
За случајот биле информирани СВР Штип, од каде што кажаа дека ова не е единствен случај. Минатата недела биле пријавени уште два случаи за лицето кое се претставувало како Дејан Зафировски, барајќи пари за наводен долг. Карактеристично е што се јавува од еден ист телефонски број.
Дејан Зафировски не постои во листата на Комората на извршители
Од Комората на извршители, велат дека изршител со име Дејан Зафировски не постои кај нив. Како што објаснија од Комората, доколку извршител се јави, должен е да се претстави и да каже за каков долг се работи. Налогот за извршување е последното нешто што треба да се направи, откако ќе бидат пратени опомени.
Комората апелира, граѓаните да не наседнуваат на вакви измами. Доколку им стигне било каков налог на домашната адреса, треба да има грб на Комората и печат, и редоследно да пишува Комора на извршители, извршителска канцеларија и извршител.
Апелираме граѓаните да внимаваат и доколку им се јават лица со сомнителни барања за пари, веднаш да пријават во полиција.