Загрепскиот стартап АИР-РМЛД, кој се занимава со индустриско снимање со дронови, деновиве ја направи првата достава на пошта со дрон. Леталото за 12 минути прелетало седум километри, од задарското пристаниште Гаженица до Прек на островот Угљан, каде што ја спушти пратката, пишува „Јутарњи лист“.
Основачите на стартапот, Милан Домазет, Иван Видаковиќ и Давор Сладовиќ, програмирале дрон што лета самостојно, без човечка интервенција, а видеоснимката од доставата предизвика големо внимание на социјалните мрежи.
Директорот Милан Домазет рече дека тој и соработниците, кога го работеле пилот-проектот за достава на пратки за Хрватската пошта, имале десетина тестирања за да се уверат дека се’ е безбедно.
„Секогаш постои можноста да се случи нешто непланирано. На пример, при доставата на поштата од Задар за Угљан, моравме предвид да ја земеме можноста од силна бура што би правела пречки на летот и да ја пресметаме оптималната брзина со која леталото ќе стигне на местото што побрзо, а да не се исцрпат батериите предвреме“, рече Домазет, додавајќи дека идејата е со дронови да се покријат рутите што главно се непристапни и скапи за класична достава на пошта.
Инаку, дронот при летот над морето предизвикал внимание кај галебите, кои го следеле во летот.


