Во денешниот „Стадион“: Костадиновски зворуваше за Уставниот суд, за Црвенковски, Трајковски и за Иванов, а Атиџе за „Медена земја“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/20 2:17 PM

Во денешниот „Стадион“: Костадиновски зворуваше за Уставниот суд, за Црвенковски, Трајковски и за Иванов, а Атиџе за „Медена земја“

Гостин во студиото на „Канал 77“ во денешната емисија „Стадион“ беше уставниот судија и доктор по меѓународно право, Дарко Костадиновски, кој неодамна ја објави својата обемна книга „Сведоштва од претседателскиот кабинет“, во која пишува за 17-те години што ги поминал во кабинетите на Бирис Трајковски, Бранко Црвенковски и на Ѓорге Иванов, а во емисијата имаше и телефонски разговор со хероината од „Медена замја“, Атиџе Муратова.

Костадиновски истакна дека на обемната монографија работел 4,5 години, а во разговорот со водителот Столе Наумов се осврна на повеќе моменти од речиси секојдневните средби со тројцата претседатели и на турбулентните времиња во тие 17 години. Почнувајќи од воениот конфликт во 2001 година, кога, како што рече, единствената институција што нормално функционирала во државата бил кабинетот на претседателот Борис Трајковски, потоа Рамковниот договор, преговорите со ЕУ, НАТО, проблемот со името… За Трајковки и за Иванов рече дека ги карактеризирала емотивност, а Црвенковски рационалност.

Во добар дел од двочасовната емисија се зборуваше за Уставниот суд, во кој од пред две години судија е и Костадиновски.

– Тоа што го увидов по моето доаѓање за мене беше разочарувачко. Едноставно не ми е јасно како во изминатите 29 години и повеќе и помалку еминентни состави на Уставниот суд не успеале да се изборат за поставување на Судот така како што Уставот го поставува. Уставниот суд не е орган на државната управа. Тој во нашиот Устав е уреден во посебна глава како орган на Републиката. Гарантирана му е независниоста и самостојноста. Ама не можеме да зборуваме за независност и самостојност кога имаме буџетска зависност. Немаме ни административна независност. Не можеме сами да учествуваме во изборот на најквалификувани кадри. Процесот на вработување оди преку министерство. Кога се среќаваме со наши колеги од странство, тие се чудат – истакна Костадиновски.

Телефонскиот разговор со Атиџе Муратова се водеше директно додека го пешачеше долгиот пат од своето село Беќирлија кон соседното Дурфулија. Хероината од филмот „Медена земја“, за кој сите во Македонија се надеваме дека по неколку дена ќе се закити со Оскар, информираше дека в понеделник заминува за Скопје, а в среда ќе летаат за САД. Рече дека што и да се случи, таа ќе им остане верна на пчелите зашто без пчели ќе нема ни луѓе. Истакна дека во изминатите денови во селото ја посетиле повеќе домашни новинарски екипи, но и од Австралија, Албанија… Се присети и на периодот на снимање на „Медена земја“. Некако се снаоѓала пред камерата, но потешко било за филмсмата екипа – лош пат, далеку до селото, немање струја…