Третиот дијалог во рамки на „Жан Моне” процесот во Собранието денеска завршува со заклучоци и препораки за следните чекори, кои, според најавите ќе треба да ги реализира наредниот парламентарен состав во врска со измените на Деловникот за работа на Собранието.
Како што е најавено, тројцата европратеници Илхан Ќучук, постојан известител за земјава во ЕП, Андреас Шидер, претседател на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, како и Марион Валсман, потпретседател на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет и претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција ќе го соопштат исходот од оваа средба.
Средбата е продолжение на дискусијата за постигнување усогласеност на ставовите за изготвување што е можно поконсензуален Деловник за работата на Собранието.
На отворањето на средбата претседателот на Собранието Џафери побарал од пратениците од опозицијата и власта да направат напори колку што е можно повеќе да ги приближат или уште подобро, да ги усогласат ставовите околу ограничувањето на Конститутивната седница на два дена, календарот на Собранието, надзорните расправи, идејата за дво-третинско одобрување на закони по скратена постапка, изборот на генералниот секретар, прашањето на промената на името на државата во Член 1, мнозинството за одземање на имунитет на пратеник и друго.
– Знам дека сте свесни дека се што правиме е во насока на подобрување на функционалноста на институцијата за последователно тоа се одрази и во реалниот живот на нашите граѓани. Секако, тоа е во прилог и на нашите напори за добивање датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, рече Џафери.
Претседателот на Собранието посочи дека иако поради скорото распуштање на Парламентот тајмингот на одржување на средбата можеби не е најдобар, не може да се занемари фактот дека се што ќе биде направено сега и во иднина, не е нешто што ќе важи само за еден мандат или само за еден пратенички состав. Тоа што сега се прави, според него, е поставување на цврсти темели на најзначајниот документ за функционирање на Собранието – Деловникот за тој да не биде кочничар на потребните реформи во општеството.
– Наша цел е да се зајакне улогата на Собранието, и убедени сме дека овој дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, туку и да ja предводи реформската агeнда, употребувајќи ja сета своја важна демократска легитимност, контролна и легислативнa надлежност затоа што се
познати нашите стратешки определби, односно членството во НАТО и ЕУ, а за тоа се потребни функционални институции, функционално Собрание, истакна Џафери.
Потсети на донесувањето на Законот за Собрание чии што измени и дополнувања во делот за службата на Собранието, овозможуваат финансиска и административна независност, две од трите цели на речиси секој парламентарен состав од осамостојувањето па наваму. Најави дека набрзо ќе се отвори и Парламентарната буџетска канцеларија која ќе биде директна поддршка за финансиската независност на Собранието.
Синоќа тројцата европратеници имаа работна вечера со лидерите на политичките партии СДСМ Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДПА Мендух Тачи, на ДУИ Али Ахмети, на АА Зијадин Села, на БЕСА Биљал Касами и на Алтернатива Африм Гаши.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески по почетокот на средбата изјави дека само дијалогот гради мостови и на тој начин може да се дојде до одржливи решенија.
– Ние денес ќе разговараме и за сите разлики што ги имаме за членовите на Деловникот почнувајќи од Конститутивната седница па понатаму. Мора да го почитуваме Уставот и уставното име без разлика дали некои пратеници гласале или не затоа што тоа е факт, затоа што ние под новото уставно име ќе го ратификуваме Протоколот за членство во НАТО и под тоа име ќе станеме 30-та членка на НАТО и под тоа име ќе ја исправат големата неправда која и беше нанесена на нашата држава односно ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, изјави Митрески.
Според него, известувачот за земјава во ЕП Илхан Ќучук во воведното обраќање на состанокот кажал дека „покрај сите премрежија, на кој начин почна овој собраниски состав дека станавме пример во регинот којшто треба да се следи во смисла на функционирањето на Собранието”.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, пак, рече дека овој дијалог не застанува тука и оти ќе претставува добра можност за продолжување на дијалогот помеѓу пратениците од идниот состав.
-ВМРО-ДПМНЕ активно учествува во третото продолжение на процесот „Жан Моне”. На изминатите две продолженија успеавме да ги доближиме ставовите и благодарение на дијалогот што го имавме беше донесен Етичкиот кодекс и се приближија одредени ставови. Се надевам дека со денешниот дијалог ќе успееме да ги приближиме позициите. Она што и европратениците на самото отворање на дијалогот го порачаа е дека овој дијалог не престанува тука и дека ќе претставува добра можност за продолжување на дијалогот помеѓу пратениците на идниот пратенички состав, изјави Мицевски.
Првите две средби во рамки на Жан Моне дијалогот се одржаа во Охрид и во Скопје со европратениците од минатиот состав на ЕП Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.
МИА