Семејство од Мичиген, САД, било избркано од авион на „Американ аирлејнс“ со објаснување дека имале „лоша телесна миризба“.
Јехуда Адлер, неговата жена Џени и нивната ќерка, минатиот јануари биле избркани од авионот кој летал до Детроит и сега ја тужат компанијата „Американ аирлејнс“.
Членови на екипажот давале коментари за нивната еврејска религија.
Компанијата кажала дека одлуката да се отстрани семејството од авионот, не била базирана на религија. Тие тврдат дека останатите патници се жалеле за миризбата која се ширела од семејството.
Во тужбата, поднесена во Тексас, семејството наведува клевета, емоционална вознемиреност и дискриминација врз основа на нивната религија.
Господинот Адлер, кажува дека тој и неговото семејство седеле во авионот не подолго од пет минути кога член на екипажот им рекол дека имало вонредна состојба и мора да го напуштат авионот.
Кога излегле од авионот, членот на екипажот им рекол дека пилотот ги отстранува од летот бидејќи ширеле непријатна миризба.
Во тужбата се наведува дека член на екипажот кажал „разочарувачки и навредливи коментари“ со тоа што кажал дека тој знае, дека евреите се капат само еднаш неделно.
По излегувањето од авионот, семејството приоѓало до останати патници на терминалот прашувајќи ги дали можат да помирисаат смрдеа. Од прашани 20 луѓе, никој не одговорил позитивно.
Семејството исто така се изјаснило дека се капеле утрото пред да тргнат на аеродромот.
На семејството им била дадена хотелска соба и јадење, а утредента биле испратени за Детроит, но без нивниот багаж кој бил испратен со авионот во кој тие првично требало да бидат.
Во изјава на авионската компанија, за „Фокс њуз“, се кажува дека семејството било прашано да го напуштат авионот откако патници и членови на екипажот се жалеле на нивната миризба. Според нив одлуката била донесена со цел сите патници да се чувствуваат пријатно, но никако поради нивната религија.