Во Струмичкиот регион лани е забележан поголем број пожари во споредба со 2018 година.Според извештајот за работа на Територијалната противпожарна единица во Струмица, што вчера беше усвоен од Советот на општината, вкупно 531 пати интервенирале пожарникарите, во најголем дел во гаснење пожари, но и други технички интервенциии, што е за 20 интервенции повеќе од преклани.
– Најголем дел од пожарите беа на отворено, односно имаше вкупно 284 такви пожари, кои бараа целосна посветеност на единицата. Потоа следуваат останатите пожари и последни се пожарите на објектите. Лани имавме вкупно 445 пријави за пожари и плус 86 технички интервенции, информира командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.
Во споредба со изминатите четири најмногу пожари и интервенции имало во 2017 година-вкупно 542, во 2016 година-443 и во 2018 година-511 пријавени пожари и интервенции.
Лани, од 26 ноември до 1 декември, тим за пребарување и спасување од урнатини составен од осум пожарникари од ТППЕ Струмица беше дел од Републичките сили за заштита и спасување на Република Северна Македонија, кои активно учествуваа во спасувачката акција од земјотресот кој ја погоди Република Албанија
Територијалната професионална противпожарна единица ја покрива територијата на општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.


