Таџикистанката која наводно била најстарата жена во светот и која тврдеше дека е родена во 1893 година, почина, јавуваат агенциите.
Фотима Мирзокулова, судејќи според податоците од нејзиниот пасош, е родена на 13 март 1893 година, што значи дека умрела на 127 години.
Скоро целиот живот го поминала работејќи на фарма за памук на северот на земјата, а родена е уште во царска Русија.
Мирзокулова зад себе оставила осум деца и повеќе од 200 внучиња и правнучиња.
Погребана била во неделата, во градот Дакан, на северот на Таџикистан, недалеку од границата со Узбекистан.
Локалните медиуми пишуваа дека таа работела со памук дури и откако се пензионирала, затоа што многу ја сакала својата работа.
Официјално, најстарата личност која живеела е Французинката Жана Луиз Каламен. Таа, според Гинисовите рекорди, живеела 122 години.
Родена била во февруари 1875 година, а умрела во август 1997 година.
Според Гинисовите рекорди,најстарата жена на светот денеска е 117 годишната Кане Танака од Јапонија.
Таа својот 117 роденден го прославила овој месец со торта во старечкиот дом.