Со години доцни приклучувањето на општините кон ХС „Злетовица“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/20 7:56 PM

Со години доцни приклучувањето на општините кон ХС „Злетовица“

И по повеќе од шест години откако е одоборен кредит од Јапонската развојна агенција „Џајка“, филтер станицата за прочистување на водата за пиење во Штип не е адаптирана за прифаќање на водата од ХС „Злетовица“. Во овој систем, кој чини 100 милиони евра, јапонската влада вложи 60 милиони евра. Хидро системот работи нерентабилно, со загуби, поради тоа што планираното вклучување на уште три општини кон системот за вода за пиење – Штип, Карбинци и Лозово,  доцни повеќе години. Со цел да се адаптира филтер станицата во Штип и општината да почне да троши вода од „Злетовица“,  „Џајка“ пред повеќе од шест години одобри нов кредит за Штип од 450.000 евра. Кредитот се отплаќа, меѓутоа, реконструкцијата и по толку време, не е завршена. Неодамна  во посета на филтер станицата во Штип беа претставници на Јапонската развојна агенција „Џајка“, со цел да направат увид во работите.  При тоа, градоначалникот Благој Бочварски изјави дека јапонските претставници ги запознал дека потребна е дополнителна адаптација со нова опрема.

-Ограничени се капацитетите на бунарите во реката Брегалница што сега ги користиме, за што ни е потребна водата од „Злетовица“. Ги запознав претставниците дека Министерството за земјоделство има распишано јавна набавка за опрема и за изградба на уште еден објект овде со цел да со таа најнова опрема успееме да добиеме вода од хидросистемот „Злетовица“, изјави градоначалникот Бочварски.

Од ЈП „Исар“, кое стопанисува со водоснабдителниот систем на Штип, оценуваат дека водата од „Злетовица“ е матна, поради што е потребна дополнителна опрема за филтер станицата.

Штип е најголемата општина во регионот, кој со проектот за „Злетовица“, одамна требаше да се водоснабдува од овој хидросистемот.Додека Штип со вода за пиење се снабдува со речна бунарска вода, „Злетовица“ работи со загуби. Пробиштип и Свети Николе се двете општини, кои земаат вода за пиење од хидросистемот, меѓутоа се и со повеќегодишен долг. Со прмена на локалната власт, направен е договор за плажање на заостанатите сметки за ипорачаната вода. Долгот се намалува на месечно ниво, но и остануваат уште 12 милиони денари за наплата.

Со цел вклучување на општините во проектот „Злетовица“, што само во прва фаза чини 100 милиони евра, владата подготви стратешки план. Преку овој план се обезбедува финансиска помош за општините за изградба и адаптација на филтер станиците. Директорот на ХС „Злетовица“, Иле Илиевски вели дека со двегодишниот владин план, се очекува приклучување на сите планирани општини кон системот.

-Со тоа „Злетовица“ се очекува да биде целосно рентабилна. Во тек се јавните набавки преку кои се избира изведувачот на работите на филтер станиците во трите општини. Во меѓувреме, за втората и третата фаза, која предвидува наводнување на земјишето и изградба на хидроцентрали, владата аплицира кај Европската инвестициска банка“, изјави Илиевски.

Изградбата на филтер станицата за Карбинци се проценува на 80 милиони денари без цевковод, додека адаптацијата на филтер станицата во Штип изнесува пет милиони евра.