Продолжува јавната расправа за законот за јавно обвинителство во Собранието – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/20 7:51 AM

Продолжува јавната расправа за законот за јавно обвинителство во Собранието

Јавната расправа за законот за јавното обвинителство денеска продолжува во Собранието во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Претставници на стручната фела вчера, на првиот ден од расправата, изнесоа свои размислувања и забелешки за предложениот текст и се очекува дел од нив да се најдат во текстот на законот кој допрва треба да биде доставен во собраниска процедура.

Според најголем дел од нив закон за јавното обвинителство е потребен и тој треба да биде донесен од Собранието.

Предложениот текст, што претходно беше доставен до учесниците на расправата, го образложи министерката за правда Рената Тренеска Дескоска која очекува од дебатите да произлезе одговор за решавање на повеќе прашања кои се, како што рече, „камен на сопнување” за носење на законот.

Спорните прашања, според Дескоска, се каква треба да биде улогата на политичките партии во изборот на јавните обвинители за организиран криминал и корупција, дали треба да има рокови за затворање на одредени постапки, рокови за важење на доказите како што се бара во однос на оние што произлегуваат од прислушуваните разговори, критериумите за разрешување на обвинителите, личната и материјална одговорност, и дали треба да постојат финансиски гаранции. Исто така постојат и дилеми за поделба на надлежностите помеѓу Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

При изготвување на законот се водеше сметка, потенцира министерката Дескоска, за воспоставување Јавно обвинителство кое што ќе придонесе за фер, непристрасно и ефикасно спроведување на правдата и обезбедување на независност и ефективна автономија на обвинителите и воспоставување соодветни заштитни мерки со цел да се обезбеди ефикасно, независно Јавно обвинителство кое што ќе придонесе за градење на владеење на правото.

И во овој законски текст е предвидено инкорпорирање на Специјалното јавно обвинителство во рамките Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

– Ако сега се анализира законскиот текст клучните измени кои се однесувата на системот на јавното обвинителство се измена на основите за избор на јавни обвинители, се покачуваат критериумите, се воведува јасна дисциплинска постапка за одговорност на јавните обвинители, постапка за оценување на јавните обвинители како и гаранции за финансирање на јавното обвините и јасни основи за одговорност на јавните обвинители, рече Дескоска.

Државниот јавниот обвинител Љубомир Јовески смета дека ни е неопходен закон за ЈО кој ќе обезбеди услови, основи за силно професионално и неселективно и одговорно обвинителство.

-Решенијата во  законот  не треба да задоволуваат нечии дневно политички  потреби и интереси, ниту да бидат резултат на пазарење, туку да го усогласат домашното законодавство со законодавството на ЕУ  и на подобар начин да ја постават внатрешната  организација на ЈО, пред се поради зголемување на ефикасноста во постапувањето изборот и унапредувањето  на јавните обвинители и нивната  одговорност, рече Јовески.

Според него, предложените решенија во работниот текст на законот ја зацврстуваат самостојноста на јавните обвинители во постапувањето по конкретни предмети. Од суштествено значење за него се новите „многу поефикасни решенија и критериуми за  следење и оценување  на работата на јавните  обвинители”. Јовески смета дека законот многу прецизно ги дава новите основи за дисциплинска  и материјална одговорност на јавните обвинители.

– Добро е што во законските решенија изграден е став по предметите од организиран криминал и корупција да постапува ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција наместо како што имаше идеи за формирање на две обвинителства, вели тој, додавајќи дека така нема да има прекплопување на надлежностите.

Јовески рече дека обвинителите  од поранешното СЈО во законот немаат посебен третман, ниту пак се обвинители во Обвинителството за гонење  организиран криминал туку остануваат во обвинителствата каде беа вработени пред изборот на  специјални обвинители.

-Имајќи предвид дека тие работеле  на одредени сложени предмети  законот пропишува дека ќе продолжат да работат на овие предмети до нивно  завршување. Ваквото решение е основано заради ефикасност на кривичниот проблем со што сторителите  на кривични дела ќе бидат  изведени пред суд, рече Јовески.

Јавниот обвинител, според него, не треба да се бира на предлог на политичките партии, туку дека тоа треба да биде во надлежност на Советот за јавни обвинители.

Професорката Гордана Силјановска истакна дека во однос на ова законско решение треба предвид да се земат мислењата на Венецијанската комисијата и оти тој не треба да се носи по скратена постапка, туку дека прво треба да се испрати до Комисијата а потоа да се донесе.

Силјановска рече дека законот e потребно да обезбеди департизација и деполитизација, а не како што беше направено Специјалното јавно обвинителство.

– Слушам дека се состануваат работни групи на партиите, овде пратениците треба да се изборат за тоа навистина да бидат пратениците. Се што е неформално, неинституционално и го нема во Деловникот, не води кон демократија туку напротив кон еден друг систем. Крајно време е да престанеме со овој начин на решавање на прашањата. Пратениците треба да гласаат по сопствено убедување и да ги претставуваат граѓаните, а не партиите, рече Силјановска.

Професорката изнесе низа забелешки за текстот, меѓу кои и за начинот на избор на обвинителите, за нивната како што кажа привилегираност за повеќе работи, но и за платите што се предвидуваат за нив, а уште повеќе за предвидените бонуси односно додатокот за доверливост.

Според академик Владо Камбовски, законот мора да биде донесен ако не утре, за десет, петнаесет дена, а доколку e потребно изборите да се одложат еден месец бидејќи ова е закон со кој се воспоставува владеење на правото и мора да биде донесен.

Говорејќи за членот 110 од законот за јавно обвинителство што се однесува на чувањето на материјалите по истекот на три години од правосилно завршување на постапките да бидат уништени,  рече треба да се подразмисли што ќе се случи со материјалите за кои не се водат постапки.

– Но што е со материјалите за кои не се водат постапки, тука треба да се размисли и да се стави некој рационален рок дотолку повеќе што имаше објаснување дека СЈО прегледало и процесуирало околу 80 отсто од сите тие материјали. Значи останале 15-20 отсто од тие материјали во еден рационален рок ЈО ќе го задолжи да расчисти затоа што не може тие до бесконечност да останат на чување затоа што постои опасност да се дистрибуираат на различни страни, истакна Камбовски.

Тој на крајот од расправата рече дека очекува законот да биде поддржан гледајќи ги, како што додаде, реакциите од пратениците сите се согласни со неговото излагање. На почетокот забележа дека законот се носи без да се реформира државното јавно обвинителство.

Обвинителката од поранешното Специјално јавно обвинителство Фатиме Фетаи побара обвинителите за организиран криминал и корупција да можат да постапуваат и пред Апелациски суд, а не тоа да го прави виш јавен обвинител, и да се заострат критериумите за избор на шеф и обвинители на ова јавно обвинителство.

– Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција треба да постапува освен пред Oсновниот и пред Апелациониот суд Скопје и со тоа да му биде променет називот во Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, рече Фетаи.

Со постапување на виш обвинител, посочи, се одолговлекува постапката, можноста за влијание врз тие постапки значително е зголемена, а кратките рокови не дозволуваат тој обвинител да изгради правно издржан став и тоа да го каже пред Апелациониот суд.

Во однос на изборот на шеф и на обвинители, Фетаи смета дека во тоа треба да биде вклучена и Канцеларијата на ЕУ во Скопје со право да даде мислење за тие кандидати. Таа побара исто така јавноста да биде максимално вклучена, како што пред неа кажа Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека едно од можните решенија е целосно ново обвинителство за организиран криминал кое ќе добие поголема автономност, по принципот на СЈО, но да не може да го води актуелниот обвинител.

– Овие постапки што се спорни, не може ниеден политички субјект да ги воскресне, рече, меѓу другото, Калајџиев.

Професорката Тања Каракамишева вели дека законското решение е спротивно на Уставот и затоа смета дека оваа верзија на законот треба да биде доработена.

Каракамишева смета дека текстот на законот за јавно обвинителство треба да биде испратен до Венецијанската комисија за добивање итно мислење за да се оцени неговата содржина и усогласеност со легислативата на ЕУ и со меѓународните стандарди.

Според професорката, законот се злоупотребува за, како што рече, да се вдомат кадрите на СЈО и да се вметнат надлежностите на СЈО.

– Ако беше реформски акт ова ќе беше целосно нов текст, рече Каракамишева.

Пензионирата судијка Виолета Дума во однос на затворањето на предметите започнати од СЈО кажа дека тоа може да го направи само јавен обвинител, оценувајќи ја нивната валидност и точност. Истото се однесува и за доказите, за што вели дека секој доказ кој е даден на надлежен орган е доказ кој го испитува јавен обвинител.

За време на обраќањето на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од галеријата каде што новинарите ја следат јавната расправа ставија траспарент на кој пишуваше: Господине Јовески до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба? (чл.60, закон за ЈО).

Во јавната расправа учествуваат претставници на правната фела, обвинители, адвокати, професори од правните факултети и од НВО секторот, како и пратеници од сите политички партии. Предност во изнесувања на своите забелешки им е дадена на претставниците на стручната и експертската фела.

МИА