Жените од Шутка повторно останаа без гинеколог – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/20 12:00 PM

Жените од Шутка повторно останаа без гинеколог

Докторката Вјолце Мбјара, која од Албанија пред три години дојде да работи како гинеколог во скопската населба Шуто Оризари, на 22 јануари ја пресели својата ординација во населбата Сингелиќ.
На ова алармираа од Иницијатива на жени од Шуто Оризари. На вратата на нејзината доскорешна ординација во Шутка има залепено известување дека ординацијата е преселена во друга општина. Жените бараат итно решавање на приоблемот и упатија неколку прашања до министерот за здравство Венко Филипче.
-Го прашуваме министерот за здравство, Венко Филипче, дали има предвидено решение за овој горлив проблем? Дали е склучен нов договор со друг гинеколог кој што ќе работи во самата општина? Доколку нема, предупредуваме за несаканите последици врз репродуктивното здравје на жените Ромки. Исто така, потсетуваме дека доенечката смртност кај ромската популација е значително повисока во однос на неромското население, велат во соопштението.

Иако ординацијата на доктор Мбјара е отворена на 22 јануари во Сингелиќ, денеска министерот Филипче одговори дека докторката пред една недела најавила дека сака да отвори ординација во друга општина.
-Разговараме со неколку институции да видиме дали можеме да обезбедиме гинеколог по системот на ротација. Доколку не може, ќе обезбедиме средства за дополнителна стимулација преку програмата на Министерството за здравство, за таму да има еден гинеколог, изјави Филипче.
Министерот, иако е убеден дека ќе се најде решение, вели дека привремено ќе се потпрат на воспоставениот систем на ротација на специјалисти, што подолго време се применува во неколку болници.
-Овој систем на ротација, кој го дозволивме со измената на законот, е систем кој многу олеснува. Овозможува лекарите да одат во места каде што недостасуваат лекари од такви специјалности. Тоа веќе се спроведува во неколку градови во источна Македонија меѓу здравствените домови и болниците, кажа Филипче.
Доктор Мбјара работеше како гинеколог за жените во Шутка три години. Гинеколошкаѕа ординација во оваа наслелба беше затворена со години, бидејќи немаше заинтересирани гинеколози, па решението беше најдено со докторката од Албанија. Непознавањето на македонскиот јазик беше решено со асистенција на медицинската сестра.