Акредитивите на девет национални делегации, меѓу кои и на Македонија, оспорени во ПССЕ – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/20 8:14 AM

Акредитивите на девет национални делегации, меѓу кои и на Македонија, оспорени во ПССЕ

 Акредитивите на девет делегации во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) беа оспорени од различни причини на отворањето на зимската пленарна сесија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

За шест од  делегации ( Македонија, Полска, Португалија, Сан Марино, Шведска и Швајцарија) оспорувањата се однесуваат на правилото на Собранието за родова рамнотежа, што предвидува дека националните парламентарни делегации мора да „имаат ист процент на членовите на недоволно застапениот пол барем еднаков на оној што е присутен во нивните парламенти и, минимум, еден член на недоволно застапениот пол назначен како застапник”.

Актуелниот состав на Собранието на Македонија со 46 жени парламентарки, односно со 38,3 отсто од вкупниот состав, се наоѓа на 21-то место на светско ниво. Но, во делегацијата во ПССЕ од шесте членови само две се жени, што претставува 30 отсто од делегацијата. Сепак, тоа не е доволно, делегацијата биде акредитирана.

За две други делегации (Молдавија и Шпанија), оспорвањето се однесува на правилото за политичка рамнотежа, што предвидува дека делегациите „мора да бидат составени на таков начин што ќе се обезбеди правична застапеност на политичките партии или групите што постојат во нивните парламенти”.

Акредитивите на националната делегација на Руската Федерација се оспоруваат од суштински и од формални причини. Суштинското оспорување се однесува на неодамнешниот предлог за промена на уставната рамнотежа помеѓу домашното и меѓународното право, како и ситуацијата во Грузија. Формалниот предизвик се заснова на фактот дека гласовите од окупираната територија на Крим беа земени предвид за изборот на рускиот парламент и дека одредени членови на руската делегација во моментот подлежат на санкции од Европската Унија

Оспорувањето на акредитивите на руската делегација од значителни причини ќе биде предмет на дебата во Собранието во среда попладне, врз основа на извештајот на Комисијата за следење на обврските земји членки на Советот на Европа. За сите други делегации, меѓу кои и таа на Македонија, Комисијата за правила ќе го достави своето мислење до Претседателот, за што нема да се расправа во пленарна форма, доколку комисијата заклучи дека овие овластувања треба да бидат одобрени.