Граѓаните на Штип во текот на викендот на социјалните мрежи алармираат дека во вечерните часови мерните станици, кои се поставени кај Кампус 2 и на општинската зграда покажуваат високи резултати на загаденост на воздухот.
Нивните коментари се дека Штип станува загаден поради, како што велат, фабрика за горење гуми во близина на полигонот Пенуш и работење на одредени асфалтни бази. Тие за МИА велат дека веќе прават петиција, а се имаат обратено и до државниот инспектор за животна средина да почне постапка за испитување на можните загадувачи
Но, раководителот на лабароторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски, а кои ги имаат поставено овие мерни станици, вели дека и покрај ваквите резулати Штип не е загаден град. Според него, ваквите резултати доаѓаат, бидејќи времето е тивко и го нема познатиот штипски ветар, што е природен вентилатор на овој регион. Мираковски смета дека во моментов до израз доаѓа загадувањето од домаќинставата и институциите, односно поголемиот дел од домаќинствата во Штип се загреваат на дрва, а за да нема вакви резултати кога го нема штипскиот ветар, потребно е граѓаните и институциите да тргнат од самите себе, да почнат да ги заменуваат дрвата со поеколошки начини на греење.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска истакна дека како локална власт ја следат состојбата со воздухот во Штип.
– Се работи за апликација што секој може да ја има на својот мобилен телефон и некогаш моментално покачување на ПМ честичките да придонесе за граѓаните да реагираат. Меѓутоа, според сите стручни и овластени лица којашто работат на оваа проблематика не се работи за големо и опасно загадување. Штип останува еден од најчистите градови во државата, поради тоа што таква загаденост треба да има повеќе денови континуирано, па тогаш да можеме да констатираме дека се работи за загадување, вели Бочварски.
Тој веќе побарал од дражвниот инспектор за животна средина да направат увид на посочените можни загадувачи, кои се наоѓаат во близина на градот Штип.
-Според експертите главниот загадувач во Штип е загревањето, бидејќи најголем дел од граѓаните се загреваат на дрва, со тоа се зголемува загадувањето и може да забележите, зошто на пролет или на лето нема загадување, а еве насекаде и во другите градови се случува ова. Но ние на граѓаните не можеме да им забраниме да се греат со дрва и сите да бидат на струја. Токму поради ова ветерот и местоположбата на Штип дава за право да ние малку покомотно се однесуваме, бидејќи немаме такви поголеми пикови, но повремени покачувања може да имаме. Јас можам да апелирам граѓаните да бидат смирени, вели Бочварски.
Прашан за посочената фабрика во близина на полигонот Пенуш, Бочварски дециден дека таа дозвола е дадена уште од претходниот градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
-Државниот инспектор веќе е на терен и има извршено увид, но тоа не е постапка којашто може да заврши за еден ден. Така да ги има дадено своите препораки, доколку има одредени пречекорувања на постапките или нивно не почитување, инспекторатот за животна средина ќе си донесе своја одлука. Разговарав со инспекторката, таа е на терен и веќе ги има извршено сите потребни разговори со одредени фирми, што треба да водат грижа во делот на загадувањето, така што доколку имаме нови информации, дополнително ќе ве информираме, вели Бочаврски.
На прашањето дали доколку продолжи загадувањето на воздухот ќе се преземат мерки, Бочварски со одговор дека најпрво ќе имаат координативни состаноци со сите засеганти страни, вклучувајќи ги инспекторите и универзитетските професори од лабараторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“. Тогаш, посочи, ќе се направат анализите, а од нив ќе бидат и дадени препораки за преземање на мерки.
МИА