Судскиот совет на денешната седница разреши еден судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, за тројца судии постапката е запрена, а за еден судија одлучено е извештајот да се дополни со податоци кои се неопходни за да може Советот да одлучи.
Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев изјави дека не можам да каже кој судија е разрешен, бидејќи јавноста е исклучена за оваа точка.
Телевизија Телма објави дека е разрешен судијата од Врховниот суд Ристо Катавеновски за кого се водеше постапка за нестручно и несовесно работење, како и за претходно разрешените судиите Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска за укинување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан додека беше во бегство.
На прашање во врска со изборот на шестемина судии за Апелацискиот суд, Здравев рече дека и тој сака што е можно побргу да ја завршат таа 320 седница, на која е одложена точката за избор на шест судии во Апелацискиот суд.
-Ако имаме услови тоа би го сториле најкасно до 5 односно до 10 февруари годинава. Ако нема услови во таков случај може да го ставиме на дневен ред па понатаму дали ќе избереме или не ќе видиме. Мора да се направи добра координација, бидејќи не е умесно некои судии да бидат предложени на седница, а на седницата да не го добијат потребното мнозинство, вели Здравев.
На денешната седница на Судскиот совет беше присутен и членот на СС Зоран Теофиловски за кого Обвинителството бараше притвор.
Здравев одговарајќи на новинарско прашање во врска со присуството на Теофиловски рече дека не е точно дека ги штитат членовите на Судскиот совет. – Досега беше прифатено барањето за одземање на имунитетот не само на членот на СС, туку претходно и на неколку судии против кои беше поднесено барање за покренување кривична постапка за одговорност за конкретни кривични дела и ние тогаш имунитетот го одземавме, меѓутоа не дадовме согласност за притвор и за судиите и за член на Судскиот совет, вели Здравев.
Според него, независно дали се работи за судии или за членови на СС ако не е одобрен притвор тој може да доаѓа на работа. – На крај на краишта тој зема плата и треба да ја оправда платата и да работи, додава претседателот ан Судскиот совет.
Појаснува дека Советот за Теофиловски ја донел одлуката тргнувајќи од тоа дека судија во претходна постапка му признал имунитет на судијата со тоа што се обратил до Судскиот совет со барање Советот да се произнесе по однос на имунитетот и по однос на барањето на обвинителот за притворање.
-Претходно се воделе кривични постапки против судии, меѓутоа со оглед на тоа дека истите не биле суспендирани тие постапувале по предметите независно што против нив се воделе постапки. Имавме и случаи каде судии биле суспендирани и по завршување на кривичната постапка со ослободителна одлука СС ги врати на работа. Значи неосновано биле суспендирани за времето додека не е донесена правосилна судска одлука со која тие се ослободуваат од обвинение, рече Здравев
Во однос на барањето од Антикорупциската комисија, Судскиот совет да им испрати податоци за да ја изградат методологијата кои судии ќе бидат проверувани од нивна страна, Здравев рече дека ги испратиле податоците што им биле побарани и оти најверојатно ќе треба да имаат заедничка средба на почетокот на следниот месец.
– Очигледно дека ќе треба Судскиот совет и Антикорупциска комисија да ги синхронизираат постапките во врска со евентуално поднесување по барањето за утврдување одговорност против судии, рече Здравев.
Тој посочи дека Судскиот совет постапува и одлучува по барање за утврдување одговорност на судија од аспект на совесност и стручно постапување и од аспект на почитување на морално – етичките норми. Но, како што вели, не може СС да навлегува во испитување на имотната состојба на судиите.
МИА