Врнежите од дожд во изминатото деноноќие имаат минимално влијание врз подобрувањето на хидролошката состојба во реките во источниот регион, што придонесува за бавно полнење на акумулациите од хидросистемот Брегалница.
Нивото на водата во браните Калиманци и Гратче е под просекот за овој период од годината, што заедно со долгиот сушен период во изминатите месеци, може да биде сериозен проблем за реализација на планот за наводнување.
– Во моментот во Калиманци се акумулирани близу 30 милиони кубни метри вода, што е околу една четвртина од нејзиниот вкупен капацитет. Во споредба со истиот период минатата година, кога имавме скоро двојно повеќе вода, сезонава се оценува како сушна. Дотокот од реката Брегалница и од останатите притоки е исклучително низок, односно под нормалата од околу еден кубен метар во секунда, што дополнително негативно влијае врз полнењето на браната. Состојбата во акумулацијата Гратче е поповолна, но таа не може битно да влијае врз вкупната состојба. Се надеваме на извесно подобрување
во наредниот период, односно дека до средината на април, односно до почетокот на сеидбата на оризот ќе ги обезбедиме потребните минимални количини, истакна Дени Митров, директор на водостопанската подружница „Брегалница” од Кочани.
Во водостопанство „Брегалница” е изготвен првичниот план за наводнување за претстојната сеидбена сезона, според кој се предвидува во кочанскиот регион со ориз да се засеат над 3.600 хектари.
Земјоделските производители сметаат дека во овој момент таквите
предвидувања се оптимистички, поради што најверојатно ќе има корекции и намалување на површините пред конечното донесување на планот.
Од водостопанската подружница во Кочани истакнаа дека Годишниот план за одржување на земјените канали и речните корита во регионот се исполнува без проблеми. Од планираните околу 260 километри каналска мрежа, досега е прочистена околу половината, а останатиот дел ќе се реализира во наредните два месеца.
МИА