Во Франција се забележани три случаи на инфекција од коронавирусот. Инфекции се пријавени и во Австралија. Хонгконг прогласи тревога. Кина го прошири карантинот, изолирани 56 милиони луѓе. Се заканува ли пандемија?
Кај третиот забележан случај станува збор за близок роднина на едно од двете лица кај кои порано е дијагностицирана оваа нова и опасна болест на белите дробови, соопшти француското Министерството за здравство. Сите тројца пациенити претходно престојувале во Кина и сега се наоѓаат во изолирани оделенија во болниците. Во моментов се испитува со кого биле во контакт заболените лица. Според зборовите на француската министерка за здравство Агнес Бузин, тоа се први случаи забележани во Европа. Веројатно е, како што кажа, оти постојат и други случаи на заболени.
Претходно беше објавено оти во САД инфекција од коронавирусот е потврдена и кај друг пациент. Заболување е дијагностицирано и кај едно лице во Чикаго по патувањето во кинескиот град Вухан, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести. Досега, како што е наведено, се истражени 62 случаи во 22 сојузни држави за кои се сомневало дека се инфицирани со овој опасен вирус.
Нови смртни случаи во Кина
Во кинеската провинција Хубеј, според извештаите на државната телевизија, се збележани 15 нови смртни случаи поврзани со корона вирусот. Оваа досега непозната болест на дишните ограни за првпат е забележана на крајот на минатата година во кинеската метропола Вухан со 11 милиони население.
Во меѓувреме, овој град е претворен во карантин. Во него, како и во другите загрозени градови, е запрен јавниот превоз. Досега 13 кинески градови де факто имаа карантински третман поради опасност од ширење на овој вирус а кинеските власти денеска објавија дека ги со вакви мерки се опфатени уште пет градови со што според проценките изолирани се 56 милиони луѓе.
(DW)