Италијанскиот весник, кој стана познат по објавувањето на ауди „бомбите“ за случајот „Рекет“, тврди дека во фиока во обвинителството се наоѓа кривична пријава против Заев за купување гласови на изборите 2014 година. Од СДСМ велат дека се работи за монтиран случај, бидејќи токму во времето кое се споменува во прилогот, обвинителството е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ
Италијанскиот весник „Ла Верита“ на веб-страницата денеска објави видео прилог со наслов „Изборните измами во македонското досие на премиерот миленик на ЕУ“ , во кој објавува документи и тврдења за експремиерот Зоран Заев кои, според италијанскиот медиум, покажуваат дека тој за време на изборите во 2014 година во Струмица купувал гласови, преку ангажирање градежна механизација и локалната администрација.
„По месеци работа и прегледување на стотици документи, проверувајќи ја автентичноста на фактите и обезбедувајќи ја максималната сигурност на изворите, може да продолжиме со објавување документи во три дела што инсинуираат дела за корупција и активности поврзани со изборни измами од страна на Заев. Тој за време на парламентарните избори во 2014, како претседател на СДСМ и градоначалник на Струмица, според наведеното во документацијата, бил замешан во купопродажба на гласови во која исто така учествувал и брат му Вице Заев“,
вели во прилогот авторот Ларис Гајзер, кој се потпишуваше и зад претходните тестови на „Ла Верита“.
Од весникот тврдат дека документите се обезбедени врз основа на посебни истражни мерки за што во обвинителството за организиран криминал има и кривична пријава со број 50/16, која никогаш не е процесуирана, но не е застарена.
„Во изминатиов период во Македонија немаше темелна обвинителска истрага поврзана со документацијата анализирана од наша страна, ниту пак имаше неселективен судски процес, базиран на владеењето на правото, кој би ги расветлил начините на владеење и криминалните шеми кои постојат во земјата“,
вели авторот во прилогот.
Во видеото што го објавува „Ла Верита“ се гледаат делови од материјали, кои наводно се поврзани со купување гласови на граѓани и се најавува дека во следните денови ќе објавуваат „кратки сублимирани извадоци од дел од документите од истрагата“.
„Наша желба е документите што ги поседуваме да ја активираат работата на обвинителските институции во Македонија, и како што подвлече новиот унгарски комесар за проширување Оливер Вархеји за време на посетата на Скопје минатата недела, да помогнат на обвинителите да докажат дека се способни да го променат своето делување пред крајот на март. Комесарот се надева дека дотогаш македонскиот парламент ќе може конечно да подготви закон за јавно обвинителство, доближувајќи го до стандардите на владеењето на правото на западните земји. Тоа би бил вистински чекор напред за влез во Европската Унија, еден ден“, вели авторот во прилогот.
“Ла Верита”: Можен договор меѓу Груевски и Заев?
„Податоците од истражните мерки на делото според релевантни индиции водат кон Зоран Заев, кој според едно видео скоро објавено во Македонија токму во тој период се фалел дека е одбран од Европската Унија за да ја води земјата во иднина, а тоа ја потврдува нашата теза кажана во минатото, недемантирана ниту од засегнатиот, дека лидерот на социјалистите отсекогаш знаел за нелегалните активности на неговите соработници. Фактот што во 2014г. македонското обвинителство отворило истрага за Заев, ја зголемува одговорноста на Могерини, експретседателот на ЕК Јункер, и на администрацијата на Обама, бидејќи го одбрале Заев како нивен човек од доверба“,
се коментира во прилогот.
Во еден дел од коментарот новинарот заклучува дека тоа што обвинителството не покренало истрага за случајот, алудира на можен договор меѓу експремиерот Никола Груевски и Заев, кој како што се вели „преку неговиот братучед и доверлив шеф на тајните служби Сашо Мијалков, имал достап до секоја информација и реално е да се помисли дека ги знаел и сите детали за истрагата која што ние ја анализиравме“.
Во времето за кое „Ла Верита“ тврди дека е поднесена кривичната пријава против Заев, со обвинителството за организиран криминал раководи Јован Илиевски, баџанак на Мијалков, кој во октомври 2016 година е избран за судија во Европскиот суд за човекови права. Со државното јавно обвинителство во тоа време,пак, раководи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август 2017 година.
СДСМ: Во 2014 година обвинителство беше под контрола на ВМРО-ДПМНЕ
„Наводите дека Зоран Заев бил вмешан во изборни нерегуларности во 2014 година паѓаат во вода, затоа што ако е така, зошто обвинителството под контрола на ВМРО-ДПМНЕ не го процесирало, туку напротив не превзело ништо“,
пишува во реакцијата од СДСМ на обвинувањата во прилогот на „Ла верита“.
Од владејачката партија истакнуваат дека изборите во 2014 година се симбол на изборните кражби на ВМРО-ДПМНЕ и почеток на политичката криза која заврши со пад на Груевски и Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо освен фабрикувани случаи од времето на режимот и заробената држава кога Зоран Заев им беше главна мета на измислици и монтирани случаи. Не само што изборите во 2014 ги украде Никола Груевски, туку и обвинителството под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ не презело никакви дејствија“, се вели во реакцијата од СДСМ.
Италијанскиот весник „Ла Верита“ лани летото стана познат во македонската јавност откако објави видео и аудио материјали материјали кои се поврзуваа со случајот „Рекет“ и во кој се слушаат гласовите на бизнименот Орце Камчев кој е сведок во судскиот случај, Бојан Јовановски и Катица Јанева кои се обвинети и Зоран Кичеец за кого веќе има пресуда.
Во октомври „Ла Верита“ продолжи со објавување на тврдења за овој случај, но овојпат во врска со Меѓународниот сојуз, кои од Обвинителството беа оценети како шпекулација.
360 степени