Tрошењето на општинските пари, транспарентноста, донациите, злоупотребите – тема во денешниот „Стадион“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/20 2:54 PM

Tрошењето на општинските пари, транспарентноста, донациите, злоупотребите – тема во денешниот „Стадион“

Народните пари, поточно нивното трошење преку општинските буџети, транспарентноста, извештајноста, донациите и можните злоупотреби поврзани со нив преку евентуални компензации за јавни набавки и слично, беше темата во денешниот „Стадион“ на радиото „Канал 77“.

Примерите главно беа од општините Штип и Кавадарци, а на овој проект работеше  невладината организација „Медиа плус“, чиј истражувачки тим ги анализирал состојбите во последните четири години, по две години од работењето на претходните и на актуелните општински раководства. Гости во емисијата беа градоначалниците на Штип и на Радовиш, Благој Бочварски и Митко Јанчев, а беа емитувани снимени разговори со претседателите на двата општински совета, Јане Миланов и Ристо Сакалиев, со советници од владејачките и од опозициските партии, со претставници на невладиниот сектор…

Парите што се трошат се народни, па граѓаните имаат максимално право да знаат како и за што се трошат. На тоа му се посветувало внимание во општините, но имало простор за поголема траспарентност, истакнаа градоначалниците.

Градоначалникот на Штип беше прашан зошто 89 осто од средствата што ги доделува Општината за спортските колективи или 923.000 евра во последните четири години завршиле на сметката на фудбалскиот клуб „Брегалница“ кој сега е второлигаш. Одговори дека по ланското влегување на приватен инвеститор во клубот, тие средства ќе бидат намалени. Беше прашан и за финансирањето, донациите, извештајноста на „Патрмалијадата“, „Макфест“, Јанчев, пак, за „Тиквешкиот гроздобер“, за тоа како фирма што го води маркетингот на „Кожувчанка“ добива значителни средства од Општината…

– Се’ е чисто и законски. Манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ е една од најстарите манифестации во Македонија, а во последните години и една од најквалитетните. Порано ја организираше скопски „Пиволенд“. Промовирамве вино, а се продаваше пиво. Само две-три фирми во Македонија можат да организираат вакви манифестации. Да донесат познати музичари од соседствотпо – смета градоначалникот на Кавадарци.

И тој, како и градоначалникот на Штип, беше прашан дали нема конфликт на интереси како градоначалник и сопственик на „Кожувчанка“. Јанчев истакна дека јасно ги разграничил работите уште кога бил избран за градоначалник.

–Компаниите на моето потесно и пошироко семејство воопшто не учествуваат на јавни набавки каде што јас сум потписник. Но, не можам да им забранам да конкурираат во други институции. Тие фирми постојат повеќе години, учествувале на јавни набавки, па не може сега да се затворат и стотина луѓе да останат без работа – рече Бочварски.

НВО-секторот укажува дека дека за секоја работа за која се трошат буџетски пари треба да има прецизен извештај.

– Каков и да е извештај којшто вклучува некоја програма или трошење на некакви буџетски средства, нормално треба да содржи и податоци за тоа колклу средства и за што се потрошени, кој бил планираниот резултат, а кој резултат е остварен, за да може да се процени дали парите се целисходно потрошени, односно како што предвидуваат добропознатите „ три Е“ – економичност, ефикасност, ефективност – истакна Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации

Невладините организации се гласот на народот, гласот на општеството и добредојдено е нивното ангажирање, истакнаа двајцата градоначалници. Беа потсетени дека, сепак, општините често немаат чувство за нив. На пример, Штип во последните четири години за проекти на невладиниот сектор издвоил само 14.300 евра.