Првпат во нашата држава имаме закон за млади, со кој се третираат нерегулираните прашања од областа на младите, соопшти директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски нагласувајќи дека со законот првпат се дефинира категоријата млади во државата.
Со законот кој вчера беше донесен во Собранието се дефинираат формите на младинско учество и претставување, регистарот на форми на младинско организирање, младинското учество, политиките и сервисите за млади.
-Законот обезбедува широк, инклузивен и сеопфатен пристап за младинското учество и младински политики и има за цел зајакнување на учеството на младите во процесот на креирање на политики за млади, активно информирање, промоција и заштита на интересите на младите, како и зајакнување на свеста за важноста на младите и нивната општествена улога, истакна Каевски.
Законот предвидува и поттикнување на волонтерството, младинските работи и младински активизам, поттикнување личен, социјален и професионален развој на младите, поттикнување и градење култура на заедничка работа помеѓу младите и институциите.
Општините и градот Скопје се обврзани да формираат канцеларии за млади издвојувајќи 0,1 и 0,3 проценти од своите буџети, а регистарот ќе го води Агенцијата за млади и спорт.
МИА