Чешиново-Облешево ќе ги помага спортските клубови и граѓанските здруженија во општината – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/20 4:57 PM

Чешиново-Облешево ќе ги помага спортските клубови и граѓанските здруженија во општината

Локалната самоуправа на Чешиново-Облешево првпат годинава финансиски ќе ги помага спортските клубови и граѓанските здруженија за нивните активности, а за што обезбеди средства од сопствениот буџет.

Веќе е упатен јавен повик до заинтересираните субјекти, чие седиште е регистрирано во општината, да достават пријави за проекти и активности поврзани со згрижување на децата, спортување, образование, екологија, култура, здравство и граѓанско општество.

-Со Програмата за финансирање на проекти и програмски активности на здруженијата на граѓани во буџетот за оваа година се предвидени околу 200 илјади денари за поддршка на проекти и очекуваме средствата да бидат соодветно распределени според доставениот писмен опис на нивните потреби. Доколку има поголем интерес, планираме во наредниот период да обезбдиме и повисока сума. Со оваа мерка сакаме да го поттикнеме граѓанскиот активизам во општината, а истовремено да им помогнеме и на спортските екипи за помасовно опфаќање на најмладите, истакна Горанчо Крстев, градоначалник на Чешиново-Облешево.

Дел од условите што треба да ги исполнуваат барателите на финансиската поддршка се да понудат иновативни проекти и решенија што се од јавен интерес, а што ќе се реализираат на територијата на општина Чешиново-Облешево или пак ќе помогнат за нејзиното пошироко промовирање.

Рокот за пријавување на граѓанските здруженијата и на спортските екипи е до крајот на месецот, при што треба да достават доказ за регистрација и потврда од спортската федерација во која членуваат.

МИА