Ромите во Штип живеат во несоодветни услови, не се доволно информирани и имаат проблем со легализацијата на своите домови – ова се откри при теренското истражување на Националниот ромски центар (НРЦ), во рамките на проектот за „Унапредување на учество на ромите во локални политики и урбанистичко планирање“.
Домувањето е еден од најголемите проблеми со кои се соочува ромското население во Штип. Често живеат под стандардите за основно домување и немаат пристап до основни услови за живот.
Според Катерина Бојковска од Националниот ромски центар, ромите имаат потреба од институционална поддршка и помош, за да се подобрат состојбите со нивното домување.
„Од анализата што е извршена на терен може да кажеме дека ромите живеат во несоодветни услови. Потребно е преземање на мерки како би се подобрила ситуацијата, особено во прашања кои се поврзани со домувањето како и поддршка во процесот на легализација на нивните домови и урбанизација на населбите во кои живеат“, вели Бојковска.
Најчест проблем со кој се соочуваат ромите во процесот на легализацијата е недоволната информираност за самиот процес, се жалат дека постапките се комплицирани и траат премногу долго време.
Голем дел пак од оние кои знаат што треба да прават, главно се информирани од граѓанските здруженија, но финансиски не се во можнст да започнат постапка за легализација.
„Голем дел на населението е запознато со постапката за легализација но им е потребна поддршка при спроведување на целиот процес за легализација“, рече Бојковска.
НРЦ изготви документ за локални политики, во кој се анализираат досегашните изготвени стратегии и останати документи, степенот на нивното имплементирање, но и реалната состојба во која се наоѓа ромското население кога е во прашање домувањето и дава препораки кои се однесуваат за подобрување на условите за живот на ромите.
Документот е дел од проектот „Унапредување на учество на ромите во локални политики за урбанистичко планирање“, а е со поддршка на ФООМ и ЕУ.


