Очув обвинет за малтретирање на едногодишно дете – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/20 2:03 PM

Очув обвинет за малтретирање на едногодишно дете

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против 34-годишен скопјанец за кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот се товари дека го сторил делото на 23.12.2019 година, околу 12 часот, кога неговата вонбрачна партнерка му го оставила нејзиното едногодишно дете за да го однесе кај претходно ангажирана дадилка. Обвинетиот очув, додека бил сам со детето во домот и додека го превезувал во возило, го малтретирал удирајќи го со тупаници во пределот на главата и лицето, при што му нанел телесни повреди изразени во вид на крвни подливи.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице, проценувајќи дека неговото присуство во текот на кривичната постапка и непреченото водење на постапката не би можеле да се обезбедат со друга мерка.