Индекс на демократија на „Економист”: Македонија на 77. место, a и понатаму во категоријата „хибридни режими” – ММС
ММС

Објавено на: 01/23/20 7:43 AM

Индекс на демократија на „Економист”: Македонија на 77. место, a и понатаму во категоријата „хибридни режими”

Демократијата во Македонија според најновиот Индекс на демократија за 2019 година на неделникот „Економист” се подобрила за едно место и сега се наоѓа на 77. место со 5,97 поени, веднаш после Сингапур. Скалата е од нула до 10.

Земјава се наоѓа во категоријата „хибридни режими”, која опфаќа 22.2 отсто од бројот на сите држави, со 16 отсто од вкупното население на сите опфатени 167 држави.

Рејтингот се заснова на комбинација од експертски оценки и резултати од анкети во овие земји. Се земаат пет клучни показатели што укажуваат на состојбата на демократијата во државите и тоа
изборниот процес, транспарентноста на власта, учеството во политичкиот живот, политичката култура и нивото на граѓански слободи.

Извештајот на „Економист”, насловен „Година на демокартски назадувања и народни протести”, сумарно, ги дели земјите во четири категории според тип на режими – „целосни демократии”,
„нецелосни демократии”, „хибридни режими” и „авторитарни режими”.

Покрај Македонија, во категоријата „хибридни режими” од регионот се Албанија, која е две позиции подолу од нашата земја (79. место), Црна Гора (84) и Босна и Херцеговина (102).

Во категоријата „нецелосни демократии” се Хрватска со 6.57 поени е на 59 место (подобрување од едно место), а Србија со 6.41 е на 66. местo (назадувања за пет места), додека Словенија останува на 36. позиција со 7.5 поени.

Грција е исто така во категоријата „нецелосни демократии” и се наоѓа на 39. место без промени.

На самиот врв на Индексот на демократија на „Економист”, како и досега се нордиските земји. Поредослед прва е Норвешка (9.87 поени), потоа Исланд (9.58), трета е Шведска (9.39) а четврта е
Нов Зеланд (9.26). Финска годинава изби на петто место со 9.25 поени, подбрување за три позиции.
Во Индексот за демократија кој се спроведува од 2006 година, како и секогаш на последно место е Северна Кореја