Делчевските риболовци и годинава ја продолжи традиционалната акција за порибување пастрмка во реката Брегалница во Делчево. Порибувањето, како што информираше претседателот на Спортското риболовно друштво „Брегалница”, Ванчо Стојмирски, годинава го потпомогнаа неколку општествено одговорни субјекти и општина Делчево.
-Оваа година финансикси општина Делчево го помогна порибувањето и неколку фирми од Делчево. Имаме околу 100 килограми на пастрмка годинава која веќе е порибена во напата река. Пастрмката е риба за која е потребна чиста вода и затоа се надеваме дека нема да има поголеми загадувања како што имаше досега, за да може пастрмката да опстои. Се надеваме дека догодина поголем број на општествено одговорни субјекти ќе се вклучат во порибувањето, истакна Стојмирски.
Ѓорѓи Синдраковски, риболовец од Делчево им порача на спортските риболовци при риболовот доследно да ги почитуваат правилата за спортски риболов.
-Апелирам до нашите спортските риболовци навреме да си платат членарина и да ловат риба, додека криволовците да бидат казнети и санкционирани од надлежните органи, полицијата и риболовното друштво, рече Синдраковски.
Делечвските риболовци додадоа дека акцијата се спроведува во зимски услови затоа што само тогаш пастрмката најдобро се снаоѓа во речни води, во случајот во водите на река Брегалница. Од Спортското риболовно друштво „Брегалница” најавија дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина.