„Важно е да се работи заедно за иста цел – како да се подобрат условите за работодавачите и работниците“, рече премиерот Оливер Спасовски, на денешната посета на текстилната компанија Албатрос во Штип,на која присуствуваше заедно со заменик претседателката на влада задолжена за економски прашања, Мила Царовска и претставник на работниците.
„Една од најважните придобивки е партнерството, бидејќи тоа му недостасуваше на македонското општество во изминатиот период. Ние започнавме многу важни процеси изминатите две години и ќе продолжиме кон помагање на економијата, да помогнеме на работодавачите, да ги отстраниме сите пречки кои беа препрека во развојот на бизнисот, а од друга страна да направиме се’ да ги заштитиме работниците и работничките права“, рече премиерот Спасовски, напоменувајќи дека за резултат е важно двата партнери во работниот процес, да се задоволни.
Премиерот изрази дека е важно што владата ги изедначила странските и домашните инвестиции и сега веќе над 200 компании добиваат директна државна помош, во вредност од над 35 милиони евра, за развој на бизнисот и економијата.
Заменик претседателката на владата, Мила Царовска, смета дека текстилниот сектор добива стабилизација.
„Низ социјален дијалог покажавме дека ја донесовме минималната плата која што денеска е 14.500 и која што е во насока на подобрување на животот на работниците, но никако на товар и со притисок на работодавачите. Паралелно донесовме една политика на субвенционирање на придонесите на платите и нивното растење до шест илјади денари, да може во суштина да го намалиме притисокот и за растот на другите плати над минималната плата“, рече Царовска која кажа дека изминатиот месец биле исплатени повеќе од 45.000 вработени кои добиле вакво зголемување на платата, додавајќи дека како влада ги радува фактот што кога се на терен гледаат дека во компаниите работите им функционираат и дека се среќни двете страни.
Неформалната претставничка на работниците, Кристина Ампева, рече дека годинава сака да се насочат кон позитивни примери наместо како до сега.
„Останува да внимаваме на мерките кои се добри за работниците и за компаниите, меѓутоа доколку има работодавачи кои сакаат да ги кршат работничките права тука сум да ги алармирам институциите“, рече Ампева, која смета дека веќе треба да се зборува за добри работни услови, за плати достојни за живот и за основање на синдикати.
По изминувањето на рокот за исплаќање на покачената декемвриска плата, Ампева кажа дека до сега имаат пријави за две-три конфекции од истокот, за работодавачи кои не исплаќаат минимална плата но дека тоа ќе го проверат и ќе се произнесат до крајот на месецот.