Светската здравствена организација (СЗО) свика итен состанок поради вирусот што се шири во Азија, а е сличен на САРС. Состанокот на СЗО во Женева ќе се одржи за да утврди дали да се прогласи „здравствен итен случај од меѓународна грижа“, што, инаку, ретко се користи како ознака за најтешките епидемии.
Кинеските власти вчера соопштиле дека мистериозниот респираторен вирус се шири низ повеќе места и оти во текот на изминатиот викенд се пријавени нови 139 случаи од кои тројца починале. Се’ уште не се знае изворот на вирусот. Државната комисија за здравство најави дека ќе преземат превентивни мерки и ќе вршат позасилено набљудување за време на Кинеската нова година која се одбележува на 25 јануари.


